78% од големите организации на светско ниво признаваат дека имаат различни плати условени од родовата припадност за работни места од техничко-технолошка струка, при што мажите имаат повисока плата во просек за 28%.
Прашањето за родова еднаквост е во голема мера актуелизирано во изминативе години насекаде. Сепак се’ уште постојат разлики во третманот на жените во однос на мажите на работното место. Нивната застапеност варира од индустрија во индустија, но еден од најочигледните дисбаланси се случува во инженерската струка, односно со вработени во техничката и технолошката индустрија. Светските статистики покажуваат дека кај 14% од бизнис компаниите жените имаат помала плата од нивните машки колеги за истото работно место и истите одговорности, додека само кај 8% од компаниите не постои ваков јаз во примањата во поглед на родова припадност.
Третманот на жените – инженери во ИТ индустријата кај нас
Во индустријата кај нас не постојат подетални истражувања кои би ги дале статистиките кои го отсликуваат јазот. Меѓутоа жените кои се инволвирани во оваа индустрија и кои што постигнале значајни успеси, сведочат за тоа дека таквиот јаз не е толку изразен како во западниот свет. Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка и претседателка на УО на Касис АД, е жена која што на оваа позиција доаѓа преку градење на кариера во ИТ сектотокот од систем администратор до главен извршен директор. Како елетроинженер која работи во континуитет во индустријата, таа има што да каже на темата во однос на родовата застапеност. „По традиција жените кај нас секојгаш работеле, граделе успешни кариери, се образувале на посакуваните факултети, без чести попатни пречки поради дискиминација. Во текот на студиите на Електро-техничкиот факултет бевме малку девојки, но никогаш не почувствував различен третман од професорите во однос на колегите машки. Сега работам во компанија во која што и менаџментот и колегите негуваме една околина која што е балансирана и овозможува еднакви услови и за мажите и за жените за нивниот професионален и кариерен развој. 95% од вработените се мажи и жени инженери, и никогаш не сме имале ситуација каде што нечиј успех и придонес во работата бил различно вреднуван.“
Зошто родовата балансираност и диверзитетот во компаниите се добри за бизнисот?
Истражувањата покажуваат дека компаниите со застапена родова еднаквост кои што се отворени за поголем диверзитет, ги надминуваат дури за 34% деловните резултати на своите конкуренти од индустријата, кои не се толку отворени за родова разновидност и балансираност. Еден од најсигурните начини да се однесе компанијата на врвот е токму преку активно поттикнување и промовирање на родовата еднаквост. Квалитетни луѓе сакаат да работат во компании кои постојано ја истакнуваат својата политика на родова еднаквост. „Понудете им на вработените пристап и можност да уживаат во истите награди, ресурси и можности без разлика дали се жена или маж. Сегашните и идни вработени, а секако и клиентите ќе ги препознаат напорите за родова еднаквост и ќе ве наградат со лојалност и раст на вашата компанија,“ – вели Пљаковска – Аспровска. Компаниите кои што внимаваат на еднаква застапеност и кои што активно работат да се затвори јазот во компензациите, наградите и третманот на жените во технолошката индустија се секогаш претпазливи и никогаш не фаворизираат еден пол: „Од тројца извршни директори, две сме жени, но никогаш не сме гледале на застапеноста на мажите и жените како на број, туку акцентот е на квалитетот и резултатите што ги постигнуваме. Секогаш ги прегледуваме огласите за работа за да бидеме сигурни дека подеднакво ги охрабруваат и мажите и жените да аплицираат за позицијата. Ги проверувме описите на работните места и барањата за работа за да се увериме дека не фаворизираат една категорија пред друга. Континуирано нудиме обуки и тренинзи до кои сите вработени имаат подеднаков пристап.“
Што прави светот на оваа тема?
Постојат организации кои што ги охрабруваат девојките да влезат во светот на технологијата како најбрзо растечка индустија со огромен потенцијал и иновативност. Успешните жени, не само на светско ниво туку и локално кај нас, постојано ги мотивираат девојките да го следат својот сон и да влезат во оваа иновативна индустрија. Пљаковска – Аспровска додава: „За да можеме да бидеме во чекор со времето потребни ни се сите ресурси. Без разлика дали се тоа девојки или момци, секоја индивидуа во себе носи свои ставови, погледи и идеи, и сите тие се подеднакво важни за да можат да се создадат решенија кои ќе бидат прифатени од сите. Мој совет за девојките кои сакаат да станат дел од ИТ индустријата е да не се откажуваат, да бидат истрајни. По патот дефинитивно ќе треба да се учи и да се надминуваат препреки, но сето тоа се исплати.“


