Милијардерот Елон Маск купи 9,2% од акциите на Twitter, компанија вредна речиси 3 милијарди долари, се вели во соопштението на Комисијата за хартии од вредност на САД.
По оваа објава, вредноста на акциите на Twitter порасна за повеќе од 25%. Маск стана еден од најголемите акционери на компанијата и сега поседува четирипати повеќе акции од основачот на Twitter Џек Дорси. Уделот на Дорси е 2,25%.
Маск е еден од најпопуларните корисници на Twitter, со повеќе од 80 милиони следбеници. Тој често објавува детали за своите компании, поради што постојано е обвинет дека манипулира со пазарот, а против него се покренати и неколку истраги.
На 24 март, тој напиша дека е „загрижен за де факто пристрасноста во алгоритмот што има големо влијание врз јавниот дискурс“ и сподели анкета во која ги повикува своите следбеници да гласаат дали алгоритмот треба да биде со отворен код.
Еден ден подоцна, тој твитна дека „слободата на говор е клучна за функционална демократија“ и ги праша своите следбеници дали мислат дека „Twitter ригорозно се придржува до овој принцип“. Откако 70,4% од испитаниците гласаа против, тој ги праша следбениците „што треба да се направи“.
Маск ги купил своите акции во Twitter пред овие објави – извештаите од агенцијата за хартии од вредност покажуваат дека купувањето се случило на 14 март – иако дури денеска беше објавено.