Во духот на своите заложби за зачувување на животната средина, намалување на јаглеродниот отпечаток и одржлив развој, компанијата АДИНГ наскоро самата ќе си обезбедува електрична енергија преку фотоволтаичните панели кои се инсталираат на нејзин објект во Скопје, а вишокот на енергија ќе се продава.
На овој начин, компанијата ќе спречи годишна емисија на околу 360 тони CO2 да завршат во нашата атмосфера, под претпоставка дека ова производство заменува производство од термоцентрала која работи на јаглен. Дополнително, компанијата со ова дава сопствен придонес во намалувањето на енергетската криза, која е актуелен проблем периодов.
Инсталацијата на фотоволтаичните соларни панели е во тек и истата се прави на дел од кровните површини на објектите на компанијата, кои се со југоисточна ориентација, и ќе се простираат на вкупна површина од 2000 квадратни метри.
Фотоволтаичниот систем ќе биде составен од 480 фотоволтаични модули со вкупно инсталирана моќност од приближно 270 kWр. Вкупната произведена електрична енергија од фотоволтаичната централа се проценува да изнесува приближно 360 MWh на годишно ниво, што е еквивалент на досегашните годишни потреби за електрична енергија на компанијата. Ова е инвестиција која е во процес на реализација и изнесува приближно 13.000.000 денари.