Компанијата Apple е позната по тоа што редовно од својата App Store продавница брише апликации кои не се направени за најновите iPhone модели или не се приспособени на најновите верзии на оперативниот систем iOS. Во суштина, ова е корисно за целокупното искуство, бидејќи апликациите треба целосно да ги користат достапните хардверски и софтверски ресурси.
Google долго време се спротивставува на таков сличен потег, но во неодамнешниот блог пост објави дека ќе прибегне кон истата стратегија од 1. ноември оваа година. Како што наведува компанијата, „Сите оние апликации направени за API што е повеќе од две години постар од актуелната верзија на Android ќе бидат избришани од Play Store и нема да бидат достапни за преземање од корисниците“.
Задачата на програмерите е да ги приспособат своите апликации на најновата верзија на оперативниот систем Android. Во основа, тие развиваат апликации за две верзии на Android – најстарата верзија на која може да работи апликацијата, како и најновата актуелна верзија на оперативниот систем.
Причината за ова е да се покрие што е можно поширок опсег на мобилни уреди кои моментно се во оптек со различни верзии на оперативниот систем, но фокусот генерално е на најновите верзии кои ги обезбедуваат најдобрите карактеристики.