Новинарот на Bloomber, Марк Гурман минатиот месец објави дека Apple наводно работи на услуга за претплата за својот хардвер, вклучувајќи ги iPhone, iPad и Mac уредите. Се работи за услуга која би им овозможила на корисниците да плаќаат месечна претплата при купување на уредите на компанијата.
Десет дена подоцна, Гурман повторно ја допре оваа тема во неговиот билтен Power On, но овој пат со нови, поконкретни информации. Новинарот на Bloomberg предвидува дека претплатата за iPhone 13 би можела да чини 35 долари месечно, додека претплата за 13 Pro би ги чинела корисниците 45 долари.
Според него, претплатата на флегшип моделот на Apple, iPhone 13 Pro Max, наводно ќе чини 50 долари месечно. Доколку се земат предвид тековните препорачани малопродажни цени на овие модели, Гурман тврди дека ваквата претплата на Apple би можела да и донесе значително поголема заработка на компанијата.
Со други зборови, корисникот може да купи iPhone 13 за 799 долари или може да земе претплата од 35 долари месечно, што на Apple би му донело 1.260 долари за три години.
„Ова е очигледно само „позадинска математика“, но Apple може одеднаш да генерира значително повеќе пари по купувач, а клиентите не мора веднаш да трошат стотици долари на нов iPhone. Исто така, тие би го добиле најновиот модел секоја година, наместо на секои три колку што изнесува просекот“, објаснува Гурман.