Galaxy S22 Ultra е фантастичен уред на сите полиња. Одлични перформанси, најдобар екран кај паметните телефони со ненадминато осветлување, солидна автономија на батеријата, извонредни камери кои никого нема да остават рамнодушен и дизајн на кој е тешко, речиси невозможно да му се парира.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Иако Galaxy Note серијата телефони на Samsung е oфицијално угасена, корисниците не загубија ништо. Суштински, Samsung Galaxy S22 Ultra е наследник на Note линијата, така што може да кажеме дека таа продолжи да живее, но под друго име. Се работи за смартфон кој во себе го содржи сето она најдобро што Samsung има да го понуди – не само S Pen, туку и врвен процесор, моќни камери и батерија со голем капацитет, при што се е спакувано во допадливо дизајнирано куќиште.
Сосема е јасно дека Samsung направи истражувања кое покажаа дека Galaxy S е посилен бренд од Note, но дека сè уште не е време да се раздели од S Pen пенкалото како своја уникатна креација, па затоа компанијата одлучи, според нас – за елегантно и најдобро можно решение, обединувајќи гидвете серии во една.
Galaxy S22 и S22+ се исто дака дел од оваа серија, но телефонот кој имавме можност да го испробаме во последните неколку дена е целосно поинаков од останатите два модела – уред кој ако не избор, ќе биде барем желба на повеќето корисници. Додека S22 и S22+ повеќе наликуваат на нивните претходници, дизајнот на S22 Ultra повеќе потсетува на Note 20 Ultra. Може да се каже дека овој телефон има свој единствен, уникатен дизајн: се разбира, тоа е прашање на вкус, како и за сè друго на овој свет.
Дизајн и S-Pen
Без заоблени агли, со рамни рамки на горната и долната страна, нема сомнеж дека S22 Ultra наликува на Note серијата. Она што се промени оваа година е страничната рамката на смартфонот. Кај претходните генерации на Note телефоните рамката беше тенка, само малку подебела од страничните копчиња, а предната и задната страна беа прекриени со стакло. Овој пат Samsung ја замени челичната рамка со алуминиум, па страничните рабови станаа помасивни за да се обезбеди структурен интегритет на уредот. Тоа значи дека стаклото од задната страна не преминува толку на страните од телефонот и дека екранот е малку помалку заоблен. Острите, квадратни агли, пленат со строгост и елеганција. Целокупниот изглед е минималистички и елегантен.
Стаклениот заден дел има мат текстура, а единствениот дел што се издвојува е сјајното, дискретно лого на Samsung, при самото дно на уредот. Посебните леќи на камерите се различни од сите уреди на компанијата досега и оставаме на читателите да пресудат дали Samsung тоа го направи на начин на кој им се допаѓа или не. Решението кое Samsung го имплементираше кај новиот S22 Ultra е единствено и делува како оние работи кои или многу ви се допаѓаат или воопшто не, но сигурно нема да ве остави рамнодушни.
Како и кај претходните Note mодели, горната и долната страна се целосно рамни. На горниот дел се наоѓаат секундарниот микрофон и линијата што ги пропушта безжичните конекции, додека од долната страна се сместени примарниот микрофон, слот за две nano SIM картички, брз USB-C 3.2, отвор за микрофон и слот за S Pen пенкалцето. Самиот стајлус не е променет во однос на Note 20 Ultra, но неговата детекција е уште поунапредена, па сега пишувањето по екранот е подеднакво добро како да користите професионална графичка табла. Samsung наведува дека доцнењето е намалено од 9 ms (S21 Ultra и Note20 Ultra) на само 2,8 ms, што е речиси 3,5 пати побрзо, а уште на Note 20 Ultra напредокот беше евидентен. Во спецификациите стои дека доцнењето од 2,8 ms е измерено во Samsung Notes апликацијата, и дека можеби ќе биде малку поголемо кај останатите програми, но Notes секако е најдобрата апликацијата за белешки која најчесто и се користи.
Екран
Samsung S22 Ultra е навистина моќен во секој поглед. Поседува фантастичен AMOLED дисплеј со дијагонала од 6,8 инчи и резолуција од 1.440 x 3.080 пиксели, со адаптивна технологија на освежување до 120 Hz. Под екранот се крие ултрасоничен сензор за отпечатоци од прсти, а дисплејот, како и стаклената позадина на уредот се заштитени со Corning Gorilla Glass Victus+ заштита.
Самиот екран не доживеа големи унапредувања во однос на минатата генерација, освен фактот дека осветлувањето од високите 1300 нита е зголемена на неверојатни 1750 нита. Ова во комбинација со AMOLED екранот значи исклучителна читливост и острина и при изложеност на силно сонце, а за квалитетот на приказот на Dynamic AMOLED 2X дисплејот од 120 Hz можеме да искажеме само суперлативи.
Samsung го унапреди и системот на динамичко освежување, кој сега може да ја менува брзината на освежување од 1 до 120 Hz, а HDR10+ поддршката и тоа како се гледа во поддржаните аплиции, каде се изобилува со бои и детали. За разлика од остатокот на S22 серијата, резолуцијата изнесува 3088×1440 пиксели, додека кај S22 i S22+ изнесува 2340×1080 пиксели. Нативното подесување на S22 Ultra е FHD+ резолуцијата, која најголем дел од корисниците ја посакуваат поради помалата потрошувачка на батеријата, па само мал број луѓе навистина ќе знаат да ја ценат целосната резолуција на екранот на овој уред.
Перформанси и автономија
Samsung традиционално користи два вида процесори во своите смартфони. За американскиот пазар се произведува варијантата со Snapdragon 8 Gen 1 процесорот на Qualcomm, додека во Европа (и кај нас) во продажба се наоѓа моделот со Exynos 2200 чипот. Овој процесор нуди осум јадра во распоред 1+3+4. Најбрзото јадро од брзата група работи на 2,8 GHz, а тоа е генерацијата Cortex-X2, додека другите три јадра од Cortex-A710 типот се на 2,5 GHz. Групата од четири ефикасни јадра наменета за не премногу обемните потфати ги сочинуваат Cortex-A510 јадрата на 1,8 GHz, а за графиката се грижи AMD Xclipse 920 GPU.
За перформансите не треба премногу да се трошат зборови, телефонот работи многу брзо и флуидно, иако раните тестови покажуваат дека AMD графиката во овој момент не е дорасната на моќта на Adreno 730 vo Snapdragon 8 Gen 1. На нашиот пазар во понудата се две варијанти, со 12 GB/256 GB и 12 GB/512 GB.
Унапредниот систем на ладење со голема топлотна цевка одлично ја расфрла топлината, па уредот ни приближно не се загрева како Snapdragon моделите при поголемо оптоварување. Таков беше случајот минатата година кај S21 Ultra со Exynos 2100 и Galaxy Fold 3 со Snapdragon 888, а кај овој вториот по половина час интезивен мултиплеер гејминг доаѓа до ситуција телефонот да стане премногу топол и перформансите видливо да опаднат. Загревањето кај S22 Ultra е најголемо на задната страна, десно од камерите, но и по повеќе од половина час играње на PUBG, Call of Duty Mobile или Asphalt 9, не може да кажеме дека смартфонот се загреваше.
Системот е заокружен со батерија со капацитет 5.000 mAh, која во зависност од подесувањата (резолуција и освежување на екранот), како и зачестеноста и начинот на користење, ќе издржи помеѓу ден и ден половина. Наше суптилно чувство е дека S22 Ultra за нијанса побавно ја троши батеријата во однос на својот претходник. Секако, овозможено е и брзо полнење, иако за соодветниот полнач ќе мора самите да се снајдете, бидејќи не се добива во пакувањето. Доколку имате оптимален полнач од 45 W, можете да очекувате дека телефонот ќе биде целосно наполнет за околу еден час.
Систем на камери
Модулот со камери се состои од четири леќи, од кои главната има 108 MP. Таа го поседува новиот Adaptive Pixel мод, кој ја комбинира целосната резолуција на фотографиите од 108 мегапиксели со технологијата на здружување на пиксели, со цел да се зголеми осветленоста. Крајниот резултат е многу квалитетен, но една работа треба да се има на ум – ваквите фотографии можат да заземаат и до 30 MB простор. Пикселите се со големина 0,8 µm, а главната фотографија сеформира со групирање со соседните девет пиксели (преку процесот nona bining). Фокусирањето се одвива со комбинација на фазна детекција и ласерскиот систем, а леќата е оптички стабилизирана и отворот на блендата изнесува вообичаените f/1.8.
Фотографиите на дневна светлина се малку подобрени во однос на S21 Ultra. Детални, многу остри и богати со бои, со напомена дека S22 Ultra креира нешто потопли фотографии од својот претходник, со поживи бои. Новиот процесор за обработка на сликите дефинитивно форсира поприродни и потопли тонови, поради што и ултра-широкоаголната камера може да се пофали со одлични фотографии, кои не заостануваат многу зад главната камера. Широкоаголниот сензор од 12MP има отвор на бленда од f/2.2 и покрива агол од 120 степени, благодарение на фокусната далечина од 13 mm. Пикселите се крупни (1,4 µm), камерата поседува фазен систем на автофокус, а оваа камера се користи и за Super Steady видео снимки.
Двете зум камери претрпеа одредени измени, се разбира на подобро. Наместо минатогодишните Samsung S5K3J1 сензори со пиксели од 1,22 µm, S22 Ultra има нешто помали Sony IMX754 сензори – со помали пиксели – 1,12 µm. Резолуцијата остана 10MP, двете леќи имаат dual pixel PDAF систем на фокусирање и оптичка стабилизација и овозможуваат 3x, односно импресивен 10x оптички зум. Телефото камерата со резолуција од 10 MP донесува 10x перископ оптички зум, што значи дека целосниот процес на зумирање се одвива во рамките на куќиштето на телефонот, без извлекување на објективот.
Мораме да признаеме дека не воодушеви портрет режимот, кој е толку прецизен што е во состојба да ги препознае дури и поединечните влакна на косата и правилно да ги одвои од позадината. Резултатот е (речиси) совршена портрет фотографија. Можеби не може да се мери со квалитетот на портретите креирани со DSLR фотоапаратите, но меѓу смартфоните нема конкуренција.
Предната камера е пресликана од S21 Ultra: 40 MP, f/2.2, 0,7 µm пиксели и PDAF систем на фокус, и исто така е меѓу најдобрите што сме ги виделе. Видео можностите не се променети, па со новиот S22 Ultra можете да снимате 8K во 24 fps, 4K во 30 или 60 fps, а забавени снимки во 720p со 960 fps со стерео звук и стабилизација со жироскоп. Samsung во своите документи нагласува и дека системот на стабилизација е значајно унапреден, со речиси 50 проценти подобра компензација на движењата, што е многу важно при видео снимките.
Софтвер и кориснички интерфејс
Samsung Galaxy S22 Ultra доаѓа со најновата верзија на Android 12 оперативниот систем и корисничкиот интерфејс OneUI 4.1, што Samsung го претстави на останатите свои телефони во изминатите неколку месеци. Компанијата со години сериозно инвестира во својот екосистем, а корисниците кои ќе се навикнат на OneUI, многу тешко се префрлаат на друг интерфејс. Samsung никогаш не претставува недоволно добар софтвер, бета тестирањето е главно обемно и долго, па кога ќе стигне до корисникот, шансата нешто да не работи како што треба е минимална.
Таков е случајот и со S22 Ultra. Се е познато, стегнато и молневито, без сецкање, кочење и доцнење. Нема премногу софтверски новитети во однос на претходната генерација, а се чини дека Samsung тоа и го посакуваше. Компанијата беше задоволна од изгледот и функционалноста на корисничкиот интерфејс од претходната генерација, кој во својата верзија 4.0 и 4.1 е само дополнително збогатен со одредени функционалности, без радикални иновации, на кои повеќето корисници и онака не се радуваат.
Не треба да се заборави ни софтверската поддршка која гарантира четири големи ажурирања, што значи дека корисниците на S22 Ultra ќе ги добијат сите верзии на оперативните системи во следните четири години, вклучувајќи го и Android 16. Ова е посебно важно поради неколку причини. Првата е дека Samsung навистина се труди и се грижи за своите корисници дури и по купувањето на уредот, а втората е фактот што овој телефон со Android 16, сепак ќе биде актуелен и доволно брз за повеќето корисници.
Заклучок
Galaxy S22 Ultra е фантастичен смартфон на сите полиња. Одлични перформанси, најдобар екран кај паметните телефони со ненадминато осветлување, одлична автономија на батеријата, извонредни камери кои никого нема да остават рамнодушен (спарени со иновативниот AI софтвер) и дизајн на кој е тешко, речиси невозможно да му се парира. Шлаг на сето тоа е софтверот по кој се препознатливи уредите на Samsung, интерфејс за кој корисниците лесно се врзуваат, а од кој многу тешко се одвојуваат.
Ова е голем телефон, кој не е за секого, но ако го сакате најдобриот Android телефон на денешницата, не барајте понатаму. Samsung го даде максимумот од технолошки аспект, и едноставно, во овој момент, Samsung Galaxy S22 Ultra е најдобриот и најбрз паметен телефон на Samsung и воопшто во светот на Android и веројатно така ќе остане до новото Ultra издание следната година. Ако некој знае нешто подобро нека ни посочи, ние први со задоволство ќе презентираметаков квалитет.
Galaxy S22 Ultra e достапен за купување по препорачана малопродажна цена од 79,999 денари во следните бои и опции на меморија: фантомска црна, фантомска бела, зелена и темноцрвена во конфигурации од 12/256 GB и 12/512 GB. Повеќе информации за овој уред можете да најдете на: https://www.samsung.com/mk/smartphones/galaxy-s22-ultra/
ПРЕДНОСТИ:
- Модерен дизајн што потсетува на Note серијата
- Најдобар екран досега
- Одлична автономија на батеријата
- Извонредни камери во сите услови на сликање и снимање
- Моќни перформанси, 16GB RAM и 512 GB простор за складирање
- Исклучителни стерео звучници
- Вградено S-Pen пенкало
- Ултра брз сензор за отпечатоци од прсти
- Wi-Fi 6e и останати опции на поврзување, вклучувајќи го 5G
- Загарантирани четири ажурирања на Android
- Флуиден и брз One UI 4.1 кориснички интерфејс
- Corning Gorilla Glass Victus+ заштита
- Матираната задна страна не остава отпечатоци од прсти
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Galaxy S22 Ultra | |
Екран | 6,8 инчен Edge QHD+Dynamic AMOLED 2X дисплеј
Super Smooth стапка на освежување од 120 Hz (1 ~ 120 Hz) Стапка на освежување на допир 240 Hz во Game Mode режим Vision Booster Eye Comfort Shield базиран на вештачка интелигенција со контрола на синото светло |
Dynamic AMOLED 2x дисплеј со технологија Vision Booster на Galaxy S22 Ultra е VDE сертифициран во Германија за 100% волумен на екранот во боја во опсегот DCI-P3. Сертификатот потврдува чист екран и живи бои без оглед на условите на осветлување. Екранот може да постигне максимално ниво на осветленост до 1750 nits, што го подобрува контрастот помеѓу темниот и светлиот аспект на дигиталната содржина за брилијантен квалитет на приказ со сооднос на контраст од 3.000.000: 1 за уште повпечатливо корисничко искуство. | |
Безбедност | Ултразвучен скенер за отисоци од прсти |
Димензии и тежина | 77,9 X 163,3 X 8,9mm, 229 gr |
Камери | 12MP ултраширока камера
108 MP широка камера
10MP телефото камера
10MP телефото камера
40MP предна камера
|
*100x Space Zoom вклучува 10x оптички зум и 10x дигитален зум со технологија за супер резолуција со вештачка интелигенција. Зумирањето над 10x може да предизвика слаб квалитет на фотографијата. | |
AP | Напреден 4nm процесор |
* Може да варира во зависност од пазарот и операторите. | |
12 + 512GB
12 + 256GB |
|
* Вистинската меморија може да варира во зависност од земјата, моделот, големината на датотеката и форматот.* Достапноста на различни модели на меморија може да варира во зависност од пазарот и операторите. | |
Батерија | 5,000mAh |
* Врз основа на просечниот век на батеријата во типични услови на употреба. Очекувани просечни перформанси врз основа на типична употреба. Вистинското траење на батеријата зависи од фактори како што се мрежата, избраните функции, зачестеноста на повиците и гласовните пораки, податоците и другите шеми на користење на апликациите. | |
Полнење* | Брзо полнење до 45W
Безжично полнење 15W Wireless PowerShare (Обратно безжично полнење) Компатибилен со USB-IF |
* Ѕидниот полнач се продава посебно; користете само полначи и кабли одобрени од Samsung. За да избегнете повреда или оштетување на вашиот уред, не користете некомпатибилни, истрошени или оштетени батерии, полначи или кабли. Поддржува полнење од 45 W. | |
** Ограничено на Samsung или други брендови на паметни телефони со безжично полнење Qi, како што се Galaxy S22, S22 +, S22 Ultra, Z Fold3 5G, Z Flip3 5G, S21 FE 5G, S21 5G, S21 + 5G, S21 Ultra 5G, Z Fold2 , Note20, Note20 Ultra, S20 FE, S20, S20 +, S20 Ultra, Z Flip, Note10, Note10 +, S10e, S10, S10 +, Fold, S9, S9 +, S8, S8 +, S8 Active, S7, S7 edge, S7 Active, S6, S6 edge, S6 Active, S6 edge +, Note9, Note8, Note FE и Note5. Достапно само со одредени уреди за носење Samsung Galaxy, како што се Galaxy Buds2, Buds Pro, Buds Live, Watch4, Watch4 Classic, Watch3, Watch Active2, Watch Active, Gear Sport, Gear S3, Galaxy Watch и Galaxy Buds. Ако батеријата е полна помалку од 30%, безжичното споделување може да не работи. Може да не работи со одредени додатоци, капаци, уреди од трети страни или некои уреди за носење Samsung. Тоа може да влијае на приемот на повици или услуги за податоци, во зависност од вашето мрежно покривање. | |
***The USB Implementers Forum, Inc. (USB-IF) е основан во 1995 година со цел да го поддржи и развива пазарот и да усвои уреди со USB поддршка меѓу корисниците. Galaxy S22 Ultra со супер брзо полнење е сертифициран според USB-стандардите, што значи дека вашите производи ги исполнуваат највисоките стандарди во секторот. Сертификатот може да се најде на www.usb.org. | |
OS | Android 12
One UI 4.1 |
Мрежа и поврзување | |
5G, LTE, Wi-Fi 6E, Wi-Fi Direct Bluetooth® v 5.2 | |
* Потребно е оптимално поврзување со 5G мрежата, достапна на одредени пазари. Проверете ја достапноста и деталите кај вашиот оператор. Брзините на преземање и пренос може да зависат од изворите на содржина, врските со серверот и други фактори.
* Достапноста на моделот LTE зависи од земјата и операторот. Вистинската брзина може да зависи од пазарот, операторот и корисничкото опкружување. * Достапноста на мрежата Wi-Fi 6E може да варира во зависност од пазарот, добавувачот и корисничкото опкружување. Потребна е оптимална конекција. *Поддржува Ultra Wide Band |
|
Сензори | Брзинометар, барометар, сензор за отпечатоци, жироскоп, геомагнетски сензор, сензор за простор, сензор за светлина, сензор за близина |
Отпорност на вода | IP68 |
Galaxy S22 Ultra и пенкалото S Pen се оценети како IP68. Според рејтингот IP68, е водоотпорен до длабочина од 1,5 метри до 30 минути. Измијте ги остатоците / исушете ги по мокрењето. |