Xiaomi веќе претстави три члена од најновото флегшип семејство, а сега пристигнува и четвртиот подостапен смартфон.
Досега од Xiaomi пристигнаа Xiaomi 12, 12 Pro и 12X моделите, но семејството се уште ќе расте. Додека се очекува Xiaomi 12 Ultra, се чини дека ќе биде претекнат од Xiaomi 12 Lite. Како што сугерира самото име, овој уред ќе биде наследник на минатогодишните модели Mi 11 Lite 5G и Mi 11 Lite 5G NE, но не треба да се очекуваат големи подобрувања.
Претходните рендери најавија дизајн како кај Xiaomi 12 и заоблен екран, што го немаа моделите од 2021 година. Дополнително, неговиот 6,65 FHD+ AMOLED екран ќе има стапка на освежување од 120 Hz, што е зголемување во однос на 90 Hz кај Mi 11 Lite 5G NE. Батеријата е исто така поголема, па нејзиниот капацитет сега изнесува 4.500 mAh и поддржува брзо полнење од 67 W, додека претходните модели имаа батерија од 4.250 mAh со поддршка за полнење од 33 W.
Xiaomi 12 Lite е во суштина Xiaomi 11 Lite 5G NE со истиот Snapdragon 778G процесор, 6 или 8GB RAM, 128 или 256 GB простор за складирање, главна камера од 64 MP со оптичка стабилизација на сликата, 8MP ултрaширока камера и 5MP макро камера.
Сензорот за отпечатоци овојпат е интегриран под екранот, и не е поставен одстрана, што може да се толкува и позитивно и негативно, во зависност од преференците на корисникот. Изненадувачки, на предната страна е сместена селфи камера од 16 MP, а не онаа од 20 MP што ја имаше неговиот претходник.
Xiaomi 12 Lite ќе го користи оперативниот систем Android 12 со MIUI 13 кориснички интерфејс.