Украинските власти соопштија дека руските војни хакери пробале да го нападнaт провајдерот на електрична енергија, но дека нападот бил безуспешен.
Украинскиот тим CERT-UA тврди дека успеал да ги спречи руските хакери да добијат пристап до компјутерите поврзани со трафостаниците и да ги избришат сите податоци на нив. Доколку Русите ги оствареа своите намери, инфраструктурата на неименуван снабдувач на електрична енергија ќе беше затворена. Станува збор за компанија која обезбедува електрична енергија во густо населен дел на Украина.
Русија претходно беше обвинета за хакерски напади врз електричната инфраструктура на Украина, но тие не беа успешни од почетокот на инвазијата во февруари оваа година. За потсетување, некои жители на Киев останаа без струја во 2014 и 2015 година поради нападот на хакерската група Sandworm, крилото на руската воена разузнавачка агенција GRU.
Компанијата ESET специјализирана за безбедност на интернет, ја помага одбраната на Украина, а утврдено е дека Sandworm стои зад последниот напад. Наводно, била користена нова верзија на малициозниот софтвер Industroyer, која исто така била искористена за исклучување на електричната мрежа во Украина на крајот на 2015 година.
Овој пат украинската одбрана од хакерскиот напад ја помогна Microsoft, како и компанијата ESET, а нападот на крајот беше одбиен. Меѓутоа, хакерите добија пристап до одредени системи и ја прекинаа работата на една фабрика, но нападот беше спречен пред населението да остане без струја.