На новиот сервис на FIFA, до крајот на годината ќе бидат достапни преноси од повеќе од 40.000 фудбалски натпревари од над сто земји во светот, како и повеќе од 2000 часа архивски материјал.
Светската фудбалска федерација FIFA стана првата спортска организација во светот која лансираше сопствен ОТТ сервис за пренос на натпревари на фудбалски натпревари. Објавено е дека FIFA+, како што се нарекува услугата, ќе понуди врвна платформа за сите љубители на фудбалот – и тоа бесплатно.
FIFA+ ќе емитува повеќе од 40.000 натпревари годишно, од кои околу 11.000 се женски и 29.000 машки фудбал, од сите делови на светот и од сите шест светски конфедерации. Гледачите ќе имаат на располагање натпревари кои до сега не можеле да ги следат во живо од бројни светски лиги, и јуниорски и сениорски. Веднаш по стартувањето на услугата, месечно ќе бидат достапни 1.400 фудбалски натпревари, а тој број многу брзо ќе се зголемува.
Богата архива
Пред почетокот на годинашното Светско првенство во Катар, FIFA+ ќе стане извор на богата архива на натпревари – на оваа платформа ќе можете да ги гледате сите досега снимени мечеви од претходните светски првенства, во машка и женска конкуренција. Тоа е вкупно повеќе од две илјади часа материјал, за прв пат достапен за сите љубители на фудбалската историја. Покрај натпреварите, ќе можете да ги гледате нивните извештаи, голови и клучни моменти. Во архивите ќе има повеќе од две и пол илјади видеа, направени од 1950-те па наваму.
𝗪𝗮𝘁𝗰𝗵 . 𝗦𝘁𝗿𝗲𝗮𝗺 . 𝗙𝗿𝗲𝗲
Introducing #FIFAPlus: your new home for football ✨
Watch or stream for free thousands of live matches per month, stories from your favourite footballers, and the biggest archive of World Cup matches 👉 https://t.co/EO11dasOum pic.twitter.com/h4vm0z3PqJ
— FIFA.com (@FIFAcom) April 12, 2022
Напоменуваме дека на овој сервис нема да можат да се гледаат преносите од претстојното Светско првенство во Катар, бидејќи правата за Мундијалот одамна им се продадени на дистрибутерите.
Покрај стримингот и гледањето архивски натпревари on demand, FIFA+ ќе го донесе и Match Centre, место каде ќе можат да се следат податоци за повеќе од 400 машки и 65 женски фудбалски натпреварувања, преку вести, резултати, но и други забавни содржини, квизови, fantasy игри и слично.
Но, тоа не е се. FIFA+ ќе биде и дом на голем број оригинални документарни содржини кои ќе покриваат приказни од фудбалската историја и сегашноста во над 40 земји. На пример, таму веќе се достапни документарци за играчи и тимови – меѓу кои ја истакнуваме епизодата од серијата за легендарните капитени на своите репрезентации.
Веќе отсега, содржините на платформата FIFA+ може да се гледаат на компјутерите и мобилни уреди (iOS и Android). Наскоро, со проширувањето на понудата за содржини, следува и поддршка за поголем број паметни уреди на кои ќе биде достапен FIFA+. Услугата е локализирана на англиски, француски, германски, португалски и шпански јазик и таа листа ќе биде проширена со текот на времето.
Повторуваме – се е целосно бесплатно!