Aмериканската компанија Apple оваа есен треба да ја претстави својата најнова iPhone 14 серија. Досега кружеа различни гласини за iPhone 14 моделите, а денес се појавуваат нови.
Најновиот извештај за iPhone 14 серијата наведува дека смартфоните може да пристигнат со опции за сателитско поврзување во итни случаи. Неодамна, се појавија и гласини дека Apple работи на слична сателитска функција за својот Apple Watch.
Главната причина за воведување на оваа функција е да им се овозможи на корисниците да испратат порака, или да упатат итен повик во области каде што немаат мобилен сигнал. Изгледа дека Apple, покрај паметниот часовник, сака да ја имплементира оваа функција и на својот најпопуларен производ – iPhone.
Интересно е дека уште минатата година се шпекулираше дека iPhone 13 ќе пристигне со оваа функција, но тоа не се случи. Со оглед на тоа, не би биле изненадени доколку и iPhone 14 серијата ја испушти оваа функција и покрај најавите на Марк Гурман од Bloomberg.
Кога станува збор за iPhone 14 линијата, таа ќе вклучува четири модели – iPhone 14, iPhone 14 Max, iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max. Она што е најинтересно од досегашните извештаи е дека може да има разлики во чипот, што би било голема промена во споредба со досегашната политика на Apple.
Познатиот аналитичар Минг-Чи Куо наведува дека iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max ќе се испорачуваат со Apple A16 Bionic чипот, додека другите два модела – iPhone 14 и iPhone 14 Max ќе работат на истиот чипсет како и iPhone 13 моделите – Apple A15 Bionic. Очигледно е дека Apple веќе неколку генерации ги снабдува iPhone уредите со разлики во корист на Pro моделот, но оваа разлика никогаш не се одрази на чипот, туку на камерата, екранот, батеријата итн.