Клиниката за детски болести во Скопје доби значајна донација од компанијата Натура Терапи. Станува збор за современ, пренослив ЕХО апарат за ултразвучна дијагностика, во вредност од 10.000 евра, набавен во договор со одговорните лица во клиниката. Апаратот овозможува брза, точна и сигурна дијагностика, и ќе помогне децата да добијат квалитетни медицински прегледи.
“Покрај бројните функционалности за навремено и прецизно дијагностицирање на одредени болести кај децата, предноста на овој апарат е што е пренослив и може да се употребува по потреба во разни одделенија, да се користи во ургентни ситуации и во приемните одделенија. Добивме значајна донација која многу ќе ни помогне во работењето, во третманите и лекувањето на клиниката”, изјави Директорката на детската клиника Проф. Д-р Аспазија Софијанова.
„Натура Терапи” е дел од оваа заедница и од животните приказни на луѓето од Македонија и токму поради тоа ја реализираме оваа донација, која беше резултат на неколку месечна добротворна акција насловена „Секое дете заслужува да расте здраво и среќно“ во која можеше да се вклучи секој поединец кој се чувствува хуман и е дел од оваа заедница. Се надеваме дека со оваа донација ќе се овозможат подобри здравствени услови за децата на кои тоа им е најпотребно. Секое дете заслужува да расте здраво и среќно, а сите ние заедно треба да помогнеме и да им обезбедиме подобра нега и грижа. Денес, обврска на една компанија не е само да произведува здрави и квалитетни производи кои им помагаат на луѓето во секојдневниот живот, туку и да помага во локалната заедница. Да покаже грижа, емпатија, да едуцира и континуирано да биде активна со општествено корисни активности од интерес на сите”, изјави Сашко Дрвошански, нутриционист, Менаџер за истражување, развој и едукација во Натура Терапи и еден од иницијаторите на оваа хумана акција.
Како општествено одговорна компанија “Натура Терапи” континуирано иницира и помага проекти од хуманитарен карактер отсликувајќи ја својата заложба за подобар живот за сите и развивајќи го чувството за помош, поддршка и солидарност во соработка со локалната заедница. Таа заложба ќе биде императив во работењето и во иднина, велат од компанијата.