Бета верзијата на веб-прелистувачот DuckDuckGo конечно пристигна на Mac. Корисниците заинтересирани да го користат овој алтернативен прелистувач фокусиран на приватноста ќе треба да се пријават на листа на чекање, објави компанијата на својот официјален блог.
Покрај приватен пребарувач, автоматско блокирање на веб-тракер и копчиња за уништување на историјата на прелистување, DuckDuckGo на Mac доаѓа и со нова функција која треба да блокира скокачки прозорци за прифаќање колачиња.
Според The Verge, DuckDuckGo објавил дека ќе ги отстрани таквите скокачки прозорци од околу 50 проценти од веб-локациите, а функцијата автоматски ќе ја избере опцијата што ќе ги блокира или минимизира колачињата. Во иднина се планира оваа можност да се прошири на уште повеќе веб-страници.
Корисниците ќе имаат пристап и до резиме на приватноста на почетната страница на веб-прелистувачот, така што ќе можат да откријат колку веб-тракери се блокирани и од каде доаѓаат, а ќе имаат и можност да бришат податоци од поединечни веб-локации.
Покрај тоа, се истакнува и фактот дека DuckDuckGo нема автоматски да вчитува содржини на веб-локации како Facebook, бидејќи таму се наоѓаат тракери. Наместо тоа, на корисниците пред вчитувањето ќе им се прикаже известување, кое ќе ги предупреди на следење и ќе ги праша дали сакаат да продолжат.
Треба да се спомене и вградениот менаџер за лозинки, можноста за увоз на лозинки, историјата и зачуваните страници од други веб-прелистувачи. Исто така, постои алатка за попаметно шифрирање која автоматски го насочува корисникот на HTTPS веб-страниците.
DuckDuckGo користи WebKit engine, истиот на кој е изграден Safari. Поради оваа причина, компанијата тврди дека нивниот веб-прелистувач е побрз од Chrome (според резултатите од бенчмаркот на MotionMark 1.2) и дека користи 60 проценти помалку RAM меморија.
Кога станува збор за верзијата на Windows, од DuckDuckGo велат дека пристигнува наскоро.