Google првично не дозволи апликацијата да биде објавена во Play Store, но попушти па апликацијата може да се преземе во Велика Британија
Новата апликација за паметни телефони, која им овозможува на корисниците да снимаат автомобили со камера и да утврдат дали го прекршуваат ограничувањето на брзината, предизвикува контроверзии по само неколку недели на пазарот во Велика Британија. Апликацијата наречена Speedcam Anywhere може да ја користат на пример пешаците за да снимаат автомобили.
Корисникот потоа може да ја зачува снимката со брзината на возилото и да генерира извештај. Идејата е овој извештај да може да се сподели со властите, но барем за сега апликацијата не може да се користи за казнување на возачите во Велика Британија бидејќи не е одобрена од Министерството за внатрешни работи како сертифициран уред за детекција на брзина. Апликацијата се подговува за лансирање и во САД.
Speedcam Anywhere е развиена од тим научници за вештачка интелигенција. Сепак, нивниот вистински идентитет се чува во тајност бидејќи тврдат дека добиле навредливи пораки од граѓани кои не се согласуваат со целта на апликацијата.
Еден од основачите на апликацијата, зборувајќи анонимно за Guardian вели:
„Добиваме прилично навредливи пораки. Некои мислат дека апликацијата нè претвора во државен шпион. Секоја година на патиштата се случуваат 20.000 несреќи со тешки повреди. Како да ги намалиме? Со спречување на брзо возење“.
Google првично не дозволи апликацијата да биде објавена во Play Store, но попушти и апликацијата може да се преземе во Велика Британија. Apple сè уште не ја одобрил апликацијата за дистрибуција во својата App Store за уреди со iOS оперативен систем како што се iPhone и iPad.
За евентуално лансирање на апликацијата на европските пазари за сега нема никаква информација.