По неколку неуспешни тестови за полнење гориво на следната генерација на SLS ракетата, американската вселенска агенција NASA одлучи да ја врати во вселенскиот центар „Кенеди“.
Тестирањето на лансирната рампа е прекинато и засега не е познато кога ќе биде продолжено, а ракетата ја очекуваат поправки во вселенскиот центар. Проблемите со снабдувањето со азот ги одложија и претходните две тестирања.
NASA има намера да ја искористи оваа можност и за замена на неисправниот вентил за проверка на хелиум, како и да го реши проблемот со мало истекување на водород што техничарите го открија на еден од доводите за гориво поврзан со мобилната лансирана кула.
NASA од 1. април три пати се обиде да спроведе тестирање важно за мисијата Artemis 1, што вклучува патување na Месечината. Станува збор за тестирање на процедурата за одбројување низ која ќе помине SLS, кога мисијата ќе започне нешто подоцна оваа година. NASA последен пат се обиде да го направи тестот на 14 април, но беше прекинат откако беше откриено споменатото истекување на водород.
Одложувањето може да влијае на крајниот рок за мисијата Artemis 1, а NASA нема да го објави датумот за лансирање, додека SLS не ги помине планираните тестови. И покрај проблемите, во NASA се оптимисти.
„Нема сомнеж дека ќе спроведеме тестови кои ќе не одведат до следниот чекор во кампањата. Ќе ги преземеме тие чекори и ќе ја лансираме ракетата“, изјави директорот за лансирање на мисијата Artemis, Чарли Блеквел-Томпсон.