Трендот на отстранување на полначот, односно адаптерот за напојување од пакувањето на новите уреди го започна Apple, тврдејќи дека ја штити околината, создава помалку електронски отпад и дека повеќето корисници веќе дома имаат адаптери. На крај се покажа дека со овој потег Apple најмногу ги заштити – своите финансии, бидејќи наводно заштеди милијарди со тоа што не доставува полначи со мобилните телефони.
Овој тренд многу брзо беше „прифатен“ во индустријата, па денес ретко може да се види нов флегшип смартфон да доаѓа со адаптер за полнење. Сега и Tesla се одлучи на сличен потег, па со автомобил од 30, 40 или 50 илјади долари повеќе нема да доаѓа кабел за струја од 400 долари. Отсега купувачите на електрични автомобили овој бренд ќе треба да го купат посебно, во случај да им треба за домашно полнење.
Се работи за мобилен кабел за полнење на патот, кога Tesla не се приклучува на кавна станица за полнење или сопствена станица за полнење дома. Елон Маск на Твитер (а каде на друго место?) го оправда овој потег со фактот дека мобилниот кабел за полнење и онака бележел многу лоша статистика за користење, па неговото давање со секој автомобил се чинело „расипничко“.
Usage statistics were super low, so seemed wasteful. On the (minor) plus side, we will be including more plug adapters with the mobile connector kit.
— Elon Musk (@elonmusk) April 16, 2022
Купувачите, очекувано не реагираа претерано на оваа објава, посебно што мобилниот адаптер е исфрлен и од автомобилите кои веќе биле нарачени и платени. Елон Маск поттикнат од негативните коментари најави дека овој адаптер за полнење ќе поевтини на 200 долари, во случај да се нарача заедно со автомобилот. Како посебен додаток, кабелот беше истакнат на веб-продавницата на Tesla за 400 долари, а моментно го нема на залиха.


