Microsoft наводно работи на програма што брендовите ќе им овозможи прикажување реклами во free-to-play видео игрите за конзолата Xbox. Според анонимни извори за Insider, рекламите би можеле да се појават на дигиталните билборди во тркачките игри, па на корисниците не би им пречеле во играњето.
Згора на тоа, извори запознаени со ситуацијата велат дека Microsoft е посебно загрижен што рекламите би можеле да ги иритираат играчите, па планот е да се изгради „приватен пазар“, така што компанијата ќе дозволи само одбрани брендови во својата програма.
Се наведува и дека Microsoft нема намера да земе дел од приходите од реклами, туку наместо тоа ќе им дозволи на програмерите и рекламните компании да ја споделат добивката. Се шпекулира дека на тој начин компанијата сака да им обезбеди на програмерите уште еден начин за заработка, што на крајот би ги поттикнало да создадат уште повеќе free-to-play наслови на платформата.
Microsoft, сепал, не ги потврди овие планови. „Секогаш бараме начини да го подобриме искуството за играчите и програмерите, но немаме што повеќе да споделиме“, изјави портпаролот на компанијата за Insider. Треба да се напомене дека изворите тврдат дека рекламите во free-to-play видео-игрите ќе се појават веќе во третиот квартал од оваа година.