Дизајнот на Rolls Royce за мал модуларен нуклеарен реактор (SMR) најверојатно до средината на 2024 година ќе добие одобрение од националнот регулатор во Велика Британија и до 2029 година би можел да почне со производство на електрична енергија, изјави извршниот директор на Одделот за мали модуларни реактори на компанијата Пол Стајн.

Британската Влада минатиот месец побара од национално тело за регулација на нуклеарната енергија да го започне процесот на одобрување, откако во ноември ја поддржа финансиската рамка на компанијата вредна 546 милиони долари за развој на првиот SMR во земјата. Владата очекува преку SMR дека ќе придонесе за намалување на зависноста од фосилни горива и намалување на емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата.

Стајн во интервјуто дадено за Reuters вели дека регулаторниот процес е започнат и најверојатно ќе биде завршен до средината на 2024 година, пренесува Хина.

„Се обидуваме да работиме со Владата и останатите за да започнеме со нарачки и да можеме до 2029 во мрежата да испорачаме електрична енергија“, рече Стајн.

Во меѓувреме, Rolls Royce ќе започне со производство на делови од реакторот за кои не очекува промени во дизајнот.

Малите модуларни реактори од 470 мегавати чинат 1,8 милијарди фунти (2,34 милијарди долари) и ќе бидат изградени на десет хектари земјиште, површина со големина на околу десет фудбалски игралишта.

За разлика од традиционалните реактори, SMR се поевтини и побрзи за изградба, а можат да се инсталираат и во бродови и авиони.

Нивниот модуларен формат значи дека тие можат да бидат испорачани во контејнери од фабриката и релативно брзо инсталирани на која било предвидена локација.