Научниците од CERN оваа недела ќе го покренат 27 километри долгиот Голем хадронски судирач (LHC), лоциран под земја на француско-швајцарската граница. Благодарение на оваа машина е пронајдена честичката на Хигсовиот бозон.
Ова ќе биде прво лансирање на LHC откако беше изгасен поради одржување и надградба. Рестартирањето беше одложено поради Ковид-19.
Палењето на CERN е комплексен процес и научниците секогаш при рака имаат шишиња со шампањ ако сè помине според планот. Потенцијалните проблеми може да настанат поради собирањето на материјалот кога се случува ненадејна промена на температурата од 300 степени или во работата на илјадници магнети кои држат милијарди честички во цврст сноп додека кружат околу тунелот.
Серија LHC судири забележани во CERN помеѓу 2010 и 2013 година донесе доказ за постоењето на долго бараната честичка на Хигсовиот бозон, за која се смета дека заедно со нејзиното поврзано енергетско поле, би била пресудна за формирањето на универзумот по Големата експлозија пред 13,7 милијарди години.
Физичарите се надеваат дека продолжувањето на судирот ќе помогне во нивната потрага по таканаречената „темна материја“ која е надвор од видливиот универзум. Се смета дека темната материја е пет пати пораспространета од обичната материја, но не апсорбира, рефлектира или емитува светлина. Досегашната потрага не даде резултати.