AMD не планира да запре, ниту со претставување на нови графички картички, ниту со презентација на нови процесорски решенија. Сега, пред нас се најновите Ryzen Pro 6000 процесорски чипови креирани во 6nm производствен процес, кои треба да се појават во првите бизнис лаптопи во вториот квартал оваа година.
Покрај тоа, веќе е најавено дека процесорите од серијата AMD Ryzen Pro 6000 ќе бидат дел од EliteBook 800 G9 линијата на HP, како и од ThinkPadZ и T серијата лаптопи произведени од Lenovo. Вкупно се очекуваат шест чипови од H серијата со потрошувачка на енергија од 35W до 45W, како и два чипa од U серијата, со потрошувачка на енергија од 15W до 30W. Идеални мали потрошувачи за преносни компјутери, кои најмногу би се користеле во разни бизнис пригоди.

Сите процесори што ќе ја сочинуваат Ryzen Pro 6000 серијата се засноваат на најновата Zen 3+ архитектура на AMD, која се изработува во процес на производство од 6 нанометри. Овие процесори ветуваат до 30 проценти подобри перформанси. Покрај тоа, ќе бидат споени со RDNA 2 графичките решенија на AMD, што е едно од најголемите подобрувања во однос на претходната Ryzen Pro 5000 серија процесори.
Од осумте нови процесорски решенија претставени од AMD, три ќе имаат шест јадра и дванаесет нишки, додека останатите пет ќе имаат осум јадра и шеснаесет нишки. Како што тврди AMD, процесорот 6850U е 1,1 пати побрз од својот претходник од 15W, додека 1,3 пати побрз од истиот тој процесор кога потрошувачката е 28W. Во однос на интегрираното графичко решение, RDNA 2 процесорот е 1,5 пати побрз од неговиот претходник при потрошувачка од 15W и 2,1 пати побрз на потрошувачка од 28W.


