Акциите на Netflix изгубија четвртина од вредноста, откако компанијата откри дека бројот на претплатниции е намален во првиот квартал оваа година поради напуштањето на Русија.
Ова е прв пат во последните десет години водечкиот стриминг телевизиски сервис да изгуби претплатници, наведувајќи го како причина за тоа прекинот на услугите во Русија поради инвазијата на Москва на Украина.
Netflix го заврши првиот квартал од оваа година со 221,6 милиони претплатници, нешто помалку од последниот квартал од минатата година. Технолошката компанија од Силиконската долина објави нето приход од 1,6 милијарди долари во неодамна завршениот квартал, што е за 100 милиони долари повеќе од истиот период претходната година. Акциите на Netflix паднаа за повеќе од 25 отсто, на 258,39 долари, по објавувањето на финансиските показатели за првиот квартал.
Netflix на почетокот на годината го објави своето прво зголемување на претплатата во период од две години во САД и Канада, што многу влијаеше на намалување на бројот на претплатниците.
Она што се уште претставува проблем за Netflix е делењето на лозинките, кое е се позачестено. Имено, Netflix проценува дека дури 100 милиони домаќинства ја користат услугата преку заеднички шифри. Компанијата пред некое време најави борба против ваквите корисници, но некој конкретен потег се уште не е направен.
Што е планот на Netflix?
Извршниот директор на Netflix, Рид Хестингс истакна дека компанијата може да примени интересна стратегија, која би можела да ги врати претплатниците на платформата. Тој наведува дека иако е лично против огласувањето на платформата, компанијата разгледува воведување на поевтина претплата, која би вклучувала реклами.
Со цел да ги врати корисниците на платформата, Netflix би можел да ја намали цената на претплатата, но за возврат корисниците би биле приморани да гледаат реклами на сервисот. Не е јасно на кој начин Netflix би ги вклучил рекламите во стриминг услугата.