Хеликоптерот Ingenuity кој американската вселенска агенција NASA го испрати на Марс, пред точно една година прв пат полета на Црвената планета.
Ова беше прв случај на полетување на вселенско летало од Земјата во друг свет. Историскиот лет се случи откако хеликоптерот стигна на површината на Марс кај кратерот Језеро, носен од роверот Perseverance, на 18 февруари 2021 година, а два месеци подоцна Ingenuity за првпат полета.
Тоа беше лет на висина од три метри, а траеше 39 секунди. Сепак, ова докажува дека е можно да се истражува Марс од „воздух“ иако атмосферата на Црвената планета има само 1 процент густина во споредба со атмосферата на Земјата на ниво на морето.
Ingenuity со леснотија ги извршуваше своите задачи и продолжи да лета, а една година подоцна има 25 летови зад себе и нема намера да застане тука.
Тимот задолжен за мисијата оди до границите на хеликоптерот, а за време на 25-тиот лет на 8 април, Ingenuity прелета 704 метри и достигна брзина од 19,8 km/h, што е негов рекорд.
Хеликоптерот на NASA сега спроведува извидување за да му помогне на тимот да планира безбедна рута за роверот Perseverance и да ги идентификува потенцијалните научни цели.
Издржливоста на Ingenuity е резултат на работата на експерти и креативци, а според NASA, леталото сè уште е во добра состојба па ќе продолжи да лета. Новата задача е да му помогне на роверот да ја истражи делтата на реката што некогаш постоела во кратерот Jeзеро. Исто така, работата на Ingenuity ја поставува основата за уште поголеми мисии на Марс.
Лабораторијата на NASA за млазен погон веќе прави планови за поголеми и понапредни наследници кои ќе можат сами да го истражуваат Марс. Во моментов, целата комуникација со Ingenuity се врши преку роверот Perseverance.
Научниците се надеваат дека идниот хеликоптер ќе може да лета неколку километри одеднаш и дека ќе може да ги носи своите научни инструменти.