Разговор со Ѓоре Захарчев – Quality Assurance Line менаџер и основач на SEDC академијата за Софтвер тестери, Ангелина Стаматоска – Intermediate Testing инженер, Мартина Вељаноска – Junior Testing инженер и Димитар Стојановски – Junior Testing инженер
За да се избегнат или минимизираат грешките што може да настанат во ИТ системот, потребно е софтверот навремено да се тестира и провери. Тестирањето на софтверот е дел од Quality assurance и се состои од широк спектар на активности што имаат за цел да проверат дали вистинските резултати на софтверскиот систем се совпаѓаат со очекуваните, и преку него се идентификуваат грешките и се бараат недостатоците. Колку поквалитетно е направено тестирањето, толку подолготраен ќе биде самиот производ или процес. Автоматизираното препознавање на квалитетот – Automation QA (Quality Assurance) се извршува за да се воспостави автоматизиран процес за проценка на квалитетот.
Сеавус Едукативниот и Развоен Центар (SEDC) пред неколку години ја основаше Академијата за Софтвер тестери, со цел да се создадат квалитетни кадри на полето на автоматизираното и рачно тестирање софтвер. Посетувањето на Академијата и нејзиното успешно завршување е само првиот чекор од станувањето дел од ИТ индустријата, а одреден број на посетители на Академијата, се веќе и вработени во компанијата Сеавус.
Основач на академијата е Ѓоре Захарчев, експерт со повеќе од 15-годишно искуство во полето на автоматизираното и рачно тестирање. Моментално работи како Quality Assurance Line менаџер во Сеавус и е одговорен за тимот за тестирање на софтвер. Покрај тоа, Захарчев е и еден од членовите на одборот за тестирање на Југоисточна Европа (SEETB). Разговаравме со него во врска со автоматизацијата на QA (Quality Assurance).
Од кога постои Академијата за Софтвер тестери, колку студенти досега ги посетувале обуките и колку од нив се вработиле во компанијата Сеавус?
Ѓоре Захарчев: Академијата постои скоро 3.5 години и на истата до сега имаат завршено околу 280 студенти. Од оваа бројка во Сеавус се имаат вработено петнаесетина студенти кои успешно напредуваат во својата кариера.
Може ли да нѝ кажете нешто повеќе за програмата на Академијата, која ја подготвивте заедно со Сеавус Едукативниот и Развоен Центар?
Ѓоре Захарчев: Програмата на академијата е да се пренесат знаења и искуства од секојдневното работење на инженерите за тестирање на софтвер во различни фирми, сѐ со цел да се фокусираме на знаења применливи во секојдневното работење, а помалку на теорија. Тука влегуваат знаења од мануелното тeстирање, работа со бази на податоци, методологии на работа и автоматско тестирање како практични целини, додека обуката за ISTQB FL и ISTQB AT се предмети што се занимаваат со теоретска настава за да им дадеме можност на студентите кои се преквалификуваат а не завршиле на техничките факултети да се стекнат со меѓународно признат сертификат и да најдат вработувања како во земјава, така и во странство. Оваа година за прв пат од септември академијата ќе биде поделена на академија за мануелно тестирање и академија за автоматско тестирање со цел да им го олесниме студирањето на голем број студенти на кои предавањата поради приватните обврски би им биле премногу динамични.
Каде и како можат да аплицираат кандидатите кои се заинтересирани за оваа Академија?
Ѓоре Захарчев: На веб страницата на SEDC има линк за аплицирање на академијата за софтвер тестинг и со пополнување на едноставна форма секој може да се пријави. После пријавувањето спроведуваме кратко интервју на англиски јазик да видиме дали студентите би имале потешкотии со англискиот јазик заради материјалите од кои се учи.
Што значи да си Софтвер тестер и колку се значајни овие кадри денес?
Ѓоре Захарчев: Да се биде софтвер тестер значи да се има посебен сет на вештини што вклучуваат знаења како од основи на програмирање, работа со бази на податоци, така и логички и математички пристап за полесно наоѓање потенцијални дефекти во софтверите што се развиваат. Од ден во ден потребата за тестери на софтвер е сѐ поголема бидејќи светот не може да се замисли без софтвер, а знаеме дека дефектите може да донесат и до загуба на финансии, дури и човечки животи. За да се избегнат несаканите сценарија, инвестирањето во тестери на софтвер стана неминовно секојдневие и инвестиција која на нарачателите на софтвер им се исплаќа со првата верзија на нивниот софтвер.
Разговаравме и со тројца членови на тимот на Сеавус, кои се вработиле токму преку Академијата: Ангелина Стаматоска – Intermediate Testing инженер, Мартина Вељаноска – Junior Testing инженер и Димитар Стојановски – Junior Testing инженер.
Зошто одлучи да се запишеш на Академијата за Софтвер тестери и какви се твоите искуства од таму?
Ангелина Стаматоска: Како профил кој доаѓа од друга бранша, постоеше и доза несигурност и многу прашања што си ги поставував на почетокот и верувам си ги поставуваат сите оние кои се двоумат дали да направат промена на својата кариера или воопшто, да се насочат кон изучување на оваа професија. За да успееме, понекогаш мораме да преземеме храбри чекори во кариерата и да бидеме одлучни. Јас се одлучив за Академијата за Софтвер Тестери затоа што сум човек кој сака нови предизвици, а понатаму, како што напредував, се уверив дека токму овој предизвик е перспектива за сите кои сакаат да стекнат нови искуства и да работат во една пријатна и позитивна работна средина.
Од искуствата морам да го потенцирам модерниот и отворен пристап на предавањата што беше од исклучителна важност да се совладаат првичните задачи. Поради практичните насоки на предавачите и поддршка од нивна страна во секоја ситуација кога беше потребно, студентите добиваат самодоверба и за кратко време сами се способни и подготвени да одговорат на предизвиците на професијата. Уште еден бенефит е стекнувањето нови пријателства, па можам да кажам дека со голем дел од колегите комуницирам и денес.
Како се соочи со предизвикот директно од Академијата да работиш на сериозни проекти во Сеавус?
Ангелина Стаматоска: Морам да посочам дека сериозниот пристап кон Академијата беше клучен за мојата подготвеност и предизвикот да работам на сериозни проекти во Сеавус, таму ги добив вистинските насоки што ми беа потребни да се вклопам веднаш и да почнам да го применувам дотогаш наученото. Од денешна гледна точка, мојата подготвеност да одговорам на сериозните предизвици и сериозните проекти е неосомнено резултат на посветеноста и редовноста на предавањата, домашната работа и вежбите. Секако, во целиот тој процес имав комплетна поддршка од мојот ментор, Ѓоре Захарчев, со кој посветивме особено внимание на автоматското тестирање. Во процесот на прилагодување, своја улога одигра и културата на компанијата, која нудеше нелимитирани ресурси за проширување на наученото. Би додала и дека самото искуство што го стекнав како асистент и како предавач на Академијата за Софтвер Тестирање ми помогна да се усовршам. До кој степен и на кој начин ќе се вклопи една личност во оваа професија, зависи и од комуникацијата, храброста, истрајноста и способноста да се прилагоди на промени. Можеби тајната на мојот успех е храброста и упорноста да се соочам со новитетите што секојдневно се случуваат, без да се плашам од непознатото. Кога гледам од денешна перспектива – одлуката би ја донела многу порано, без да се двоумам.
Какви се твоите импресии од студирањето на Академијата и воопшто од вработувањето и досегашната работа во Сеавус?
Мартина Вељаноска: На Академијата за софтвер тестинг се запишав во 2020 година и тоа беше една од најдобрите одлуки што сум ги донела. Предавачите беа многу пристапни и трпеливи со луѓе кои што за прв пат се среќаваат со ИТ околина и термини. На почетокот беше доста збунувачко, ново, непознато, но со помош на активностите за време на часовите, вежбите и домашните, со секој нов час, материјалот и обврските што ги има еден софтвер тестер стануваа појасни и поинтересни. Имаше многу предавања каде што не забележував кога времето поминало и со возбуда чекав да дојде време за следниот час. Откако успешно ја завршив Академијата, случајно го видов конкурсот за Талент програмата организирана од Телеком дивизијата и се решив да се пријавам на неа. Откако истата заврши, после месец дена, ме контактираа од Сеавус со понуда за работа во Banking and Finance дивизијата за позиција Junior Testing Engineer. Првите неколку месеци имав интензивна обука за автоматско тестирање што посебно ме израдува и мотивираше, бидејќи тоа беше еден од омилените, ако не и омилениот предмет што го слушав на Академијата. Почнав да учам C# (иако на Академијата учевме Java), RestSharp, Jenkins, Jmeter и многу други алатки што значително ја олеснуваат и подобруваат работата на еден QA. За кратко време почнав да работам и на проект каде што ја имав шансата да развивам/извршувам автоматски тестови. Во Сеавус сум веќе одреден период и секој ден имам можности да научам нешто ново со што го надоградувам моето знаење.
Кажи нѝ нешто повеќе за тебе? Колку Академијата влијаеше на твојот понатамошен развој и како е да се работи во компанија како Сеавус?
Димитар Стојановски: Здраво! Јас сум Димитар, позитивен, амбициозен, спремен на промени и константно напредување. Одејќи по патот на успехот не беше лесно, горд сум да кажам дека веќе 9 месеци сум дел од Сеавус како Junior Test Engineer во дивизијата за Банкарство и Финансии. Покрај љубопистноста како моја лична карактеристика, со оглед на фактот што претходно немав никакво искуство во ИТ индустријата и по повеќегодишно екстензивно работно искуство во меѓународна продажба, решив да го направам овој потег приклучувајќи се кон Академијата за Софтвер Тестирање при SEDC, што ми го промени животот во секоја позитивна смисла на зборот. Во Академијата се здобив со солидна основа запознавајќи се со работењето со Бази, Мануелно тестирање, Агилни Методологии и Автоматско тестирање. Мошне добар дел од своето слободно време надвор од професионалните обврски и академијата, го користев за што подлабоко да навлезам и да се усовршам во материјата. Споделувам едно позитивно искуство, исполнето со организирана програма, предавачи и асистенти на највисоко ниво и експерти во она што го работат, секогаш достапни за совети, помош, и интерактивни предавања со цел подобро совладување на материјалот и осознавање на концептот. Посветеноста, работата на сите проекти и вложениот труд се исплатеа и ги крунисав со успех! Кога почнав да работам во Сеавус, со секој изминат ден се надоградував сѐ повеќе, и научив уште нови практитки и технологии во областа на авотматско тестирање на бекенд и УИ. Сеавус нуди одличен развој за секој почетник, како и кариерен напредок. Со одличното менторство од страна на Ѓоре, како и тесната соработка со останатите членови од тимот, ми беше дадена шанса да го имплементирам и значително зголемам знаењето што го стекнав на Академијата, работејќи на интерни и екстерни проекти. Навистина ми претставува задоволство да бидам опкружен со позитивна енергија и да бидам дел од оваа индустија на дневна база, чувството е непроценливо штом човек ќе си го пронајде местото под сонцето.