Роверот на NASA на почетокот на овој месец го сними најдеталното видео од затемнувањето на Сонцето, кое на Марс ја создава неговиот сателит Фобос.
Марс е планета во Сончевиот систем најслична по големина и состав на Земјата. Околу него кружат два природни сателити, Фобос и Деимос, далеку помали од нашата Месечина, така што некои астрономски настани изгледаат значително поинаку отколку тука. Земете го на пример затемнувањето на Сонцето – растојанието на Месечината од Земјата и нејзината големина се поклопија така што таа, во случаи кога минува точно помеѓу Земјата и Сонцето, може целосно да ја прикрие светлината на нашата матична ѕвезда.
Во случајот на Марс, тоа не е така, бидејќи неговите природни сателити се помали. Меѓутоа, тоа не значи дека таму не може да се забележат атрактивни сцени на затемнување. Еден таков настан беше снимен од новиот ровер Perseverance на NASA на 2. април. Користејќи ја својата камера Mastcam-Z, роверот го сними минувањето на месечината Фобос директно пред Сонцето. Благодарение на опремата со која располага Perseverance, добиено е најквалитетното видео од затемнувањето од Марс – најмногу „зумирана“ снимка и воедно најголем број сликички во секунда од настанот досега.
На видеото, како што можете да се види од приложеното, убаво се гледа Фобос (како што велат од NASA, сателит во облик на компир) кој заматува дел од Сонцето. Записот ќе им послужи на научниците подобро да ја проучат орбитата на Фобос и да ја поврзат неговата позиција со настаните во внатрешноста на планетата, предизвикани од нејзината гравитација.
Затемнувањето траело нешто повеќе од 40 секунди, а научниците кои работеле на овој проект биле воодушевени од квалитетот на снимката.
Фобос има димензии од само околу 19 × 22 × 27 километри и е еден од најмалите природни сателити во Сончевиот систем (Деимос е уште помал). За да орбитира околу Марс му требаат само 7 часа и 40 минути, а бидејќи е во толку ниска орбита, неговата судбина е запечатена – за 50 до 100 милиони години сигурно ќе падне на површината на Марс.