Американската компнија Amazon ги соопшти своите нови планови за засилување на инвестициите во обновлива енергија со 37 нови проекти на глобално ниво. Компанијата очекува да постигне 100 проценти обновлива енергија до 2025 година, пет години порано од оригиналниот план до 2030 година.
Според соопштението на Amazon, новите инвестиции ќе бидат лоцирани во САД, Шпанија, Франција, Австралија, Канада, Индија, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати. Нивната цел ќе биде да го зголеми енергетското потрфолио на компанијата за 30%, од 12.2GW до 15.7GW.
Проектите ќе вклучуваат „фарми“ со ветерници и соларни панели, како и соларни инсталации на покриви од градби. Со новите инвестиции, Amazon ќе има вкупно 310 активни иницијативи за производство на чиста енергија во 19 држави ширум светот. Компанијата во моментот има 134 активни „фарми“ со ветерници и соларни панели, како и 176 соларни инсталации на покриви.
Овие инвестиции дополнително ќе ја зајакнат позицијата на Amazon како светски најголемиот корпоративен потрошувач на обновлива енергија, истовремено генерирајќи доволно чиста енергија за снабдување на 3.9 милиони домаќинства во САД на годишно ниво.
Преку употребата на чиста енергија, компанијата сака да ги избегне емисиите на 17.3 милиони метрички тони јаглерод диоксид секоја година, што е еднакво на емисиите на над 3.7 милиони автомобили.
„Нашата посветеност кон заштитата на планетата и ограничувањето на влијанието на Amazon врз животната средина нé доведоа до тоа да станеме најголемиот корпоративен потрошувач на обновлива енергија во светот во 2020 и 2021 година. Но, со оглед на растот на нашиот бизнис и нашата мисија да ги водиме операциите на Amazon со 100% обновливи извори на енергија, ние нема да ги намалиме нашите инвестиции во обновливите извори“ – посочи генералниот извршен директор на Amazon, Енди Џејси.