Twitter соопшти дека повеќе нема да дозволува огласувачи на својата платформа кои го негираат научниот став за климатските промени, следејќи ја политиката што ја воведе Google.
„Рекламите не треба да го одвлекуваат вниманието од важните разговори за климатската криза, соопшти компанијата, образложувајќи ја својата нова политика.
Не беше наведено дека оваа промена ќе влијае на содржината што корисниците ја објавуваат на оваа социјална мрежа, која заедно со Фејсбук е цел на групи кои се обидуваат да промовираат погрешни тврдења за климатските промени, пренесе Бета.
Објавата се совпадна со Денот на планетата Земја.
Twitter соопшти дека во наредните месеци ќе објави повеќе информации за тоа како планира да обезбеди „сигурна, авторитативна содржина за климатските разговори” во кои учествуваат неговите корисници, вклучително и од Меѓувладиниот панел за климатски промени.
Извештаите на тој панел, поддржан од ОН, за причините и последиците од климатските промени се основа за меѓународните преговори за борба против климатските промени.