Канадската компанија Idenergie претстави нов хидрокинетски дизајн на турбина која ја собира енергијата од проточна вода и ја претвора во електрична енергија.
Со оглед на тоа што многу земји се обидуваат да се оддалечат од фосилните горива, постои потреба да се развијат методи за искористување на обновливите извори на енергија. За ова најчесто се користат турбини на ветер и соларни панели, но и двата системи имаат ограничувања кога станува збор за генерирање енергија. Ветерните турбини зависат од брзината на ветерот, додека соларните панели не генерираат енергија речиси половина ден. Сепак, турбините во вода можат константно да генерираат енергија, без разлика дали е ден или ноќ.
Во минатото, употребата на плимни турбини беше поврзана со загрозување на живеалиштата на водните животни и вегетацискиот систем, но компанијата од Монтреал посвети посебно внимание на ова и се одлучи за роторот Darrius, кој одговара на екосистемот и кој е направен од алуминиум за лесно рециклирање.
Турбината се испорачува во расклопена состојба за да се минимизира потребата за транспорт и се склопува во седум едноставни чекори. Дизајнот на турбината вклучува и мотор без вратило, кој спречува вода да влезе во генераторот, со што се намалуваат потребите за одржување.
Кога е на максимум, една турбина може да произведе 12 kWh електрична енергија дневно и е поврзана со батерии кои постојано се полнат. Дури и со намален производствен капацитет, турбините можат да обезбедат доволно електрична енергија за напојување на апарати за домаќинство како што се фрижидери, телевизори, компјутери и осветлување.
Според производителите, една турбина може да произведе енергија колку 12 соларни панели, а покрај тоа може постојано да работи. Кога е потребно, турбината може да се прилагоди на условите на водното тело, вклучувајќи и инсталација во плитка вода и областите каде што брзината на протокот на вода е помала од 1 m/s.