Научници успешно одгледаа загрозен вид корали како дел од проектот за кој се надеваат дека ќе ги обноват оштетените корални гребени на брегот на Флорида загрозени од релативно нова болест, соопшти вчера организацијата за спасување на корали.
Гребените во Флорида и на Карибите се соочуваат со зголемена закана од уништување поради болест која ги лишува коралите од нивната боја и на крајот доведува до истребување.
Центарот за спасување корали на Флорида во изминатите неколку недели успеа да одгледа стотици нови корали кои припаѓаат на видот кактусни корали, во објект од 185 квадратни метри во кој се сместени вкупно 18 видови флоридски корали кои се загрозени од болеста.
„Има потенцијал за размножување на овие корали, така што некои од овие корали би можеле да се вратат во дивината“, рече Џастин Цимерман, раководител на Центарот за спасување корали во Флорида. „И има потенцијал да се спаси видот“.
Болеста што предизвикува губење на коралното ткиво за првпат беше забележана во близина на Мајами во 2014 година, а до 2017 година се прошири на најсеверниот гребен на Флорида, а подоцна и на Ки Вест на југ.
Видовите на коралите погодени од оваа болест имаат стапка на исчезнување од 66-100 проценти, што го прави посмртоносен од попознатиот феномен на избелување на коралите, вообичаено предизвикан од повисоките температури на водата поврзани со климатските промени.
Центарот за спасување корали на Флорида е управуван од SeaWorld, морски тематски парк и делумно финансиран од Фондот за заштита на Disney.
Болеста што предизвикува губење на коралното ткиво претставува уште една закана за светските корални гребени, кои веќе се соочуваат со егзистенцијална закана поради климатските промени.
„Голем број потомци произведени од спасените корали ќе бидат неопходни за обнова на коралниот гребен на Флорида“, рече Гил Мекреј од Комисијата за зачувување на рибите и дивиот свет на Флорида.
Глобалната мрежа за следење корални гребени (GCRMN), глобална мрежа за податоци поддржана од ОН, објави во октомври дека 14 отсто од светските корални гребени веќе биле изгубени меѓу 2009 и 2018 година.