Некои корисници на Apple Watch Series 6 пријавуваат дека екранот на часовникот „побелел“, односно дека станал трајно „празен“. Свеснa за овој проблем, компанијата Apple најави нова сервисна програма, според која засегнатите корисници ќе можат да побараат бесплатна поправка на својот Apple Watch.
Според 9to5Mac, компанијата тивко ја лансираше оваа програма за услуги кон крајот на минатата недела. Според Apple, овој проблем се јавува кај Apple Watch Series 6 моделите од 40 mm, произведени помеѓу април и септември 2021 година.
Корисниците можат да проверат дали се квалификуваат за бесплатна поправка со внесување на серискиот број на часовникот на официјалната веб-страница на Apple.
Доколку ги исполнуваат сите услови за бесплатна поправка, корисниците треба да го однесат својот Apple Watch директно во Apple Store или во овластен сервисен центар. Сепак, постои опција да се контактира и официјалната сервисна поддршка на компанијата и да се испрати уредот по пошта, што сепак бара уште неколку чекори.
Меѓутоа, треба да се напомене дека оваа поправка нема да ја продолжи стандардната гаранција на уредот, а ако се испостави дека Apple Watch има уште некои оштетувања што влијаат на поправката, корисниците би можеле да платат надомест за поправка. Исто така, оваа понуда важи само две години по првото купување на Apple Watch Series 6, па и тоа треба да се има на ум.