Иако поголем дел од Android светот се фокусира кон флексибилните уреди кои се свиткуваат навнатре (како што е Galaxy Fold), Huawei не се откажува од својот дизајн, па Huawei Mate Xs 2 останува верен на дизајнот на својот претходник, со големи промени скриени под хаубата.
Уредот има 7,8-инчен OLED екран (кога уредот е расклопен) со резолуција од 2480 x 2200 пиксели и брзина на освежување од 120 Hz. Преклопениот екран е со големина од 6,5 инчи со резолуција од 2480 x 1176 пиксели. Има и селфи камера од 10 MP сместена во горниот десен агол.
И покрај прилично големите димензии, Huawei успеа да ја намали тежината на уредот, па така Mate Xs 2 тежи само 255 грама, додека неговиот претходник тежеше над 300 грама.
Една од работите кои Huawei ги спомна при презентацијата е механизмот на шарките, односно се работи за механизам со двоен ротор кој е промовиран во смисла на подобрување на долготрајната издржливост и плус не остава видливи набори на екранот. Колку е ова точно ќе покаже времето.
Huawei може да се пофали и со подобрена издржливост на екранот обложен со полимер (преведено како некој вид пластика) благодарение на новата четирислојна структура. Mate Xs 2 поддржува Huawei M-Pen 2s пенкало, за фаќање белешки или цртање на вашиот телефон со големина на таблет.
Како и Mate X и Mate Xs, Huawei на Mate Xs 2 користи модул за тројна камера. Присутна е главна камера од 50 MP, ултраширока камера од 13 MP и телефото модул од 8 MP со 3x оптички и 30x дигитален зум и OIS.
Уредот на преклоп работи со Snapdragon 888 4G чипсет со 8/12 GB RAM и до 512 GB простор за складирање. Mate Xs 2 има батерија од 4.880 mAh со брзо полнење од 66W и работи со HarmonyOS 2 на Huawei.
Huawei Mate Xs 2 доаѓа во бела, црна и виолетова боја. Почнува од 1.440 евра за верзијата со 8/256 GB и оди до 1.870 евра за верзијата со 12/512 GB. За жал, се уште нема информации за глобалната достапност.