Претходните недели изобилуваа со неофицијални информации за претстојниот паметен часовник Google Pixel Watch, а овој тренд се чини дека продолжува. Прототип на часовникот беше заборавен во кафуле, па се појавија првите фотографии од овој веќе малку митски уред. Изгледот повеќе не е мистерија и малку по малку сите карактеристики на овој носечки уред излегуваат на виделина.
Сега се појавија и првите неофицијални податоци за тоа колкав капацитет на батерија би можел да има часовникот, како и каква конекција би можел да им овозможи на корисниците. За овој смартвоч со години не се шпекулираше ништо, а во изминатите две недели имаше рапсодија од информации. Ако од тоа би можеле нешто да заклучиме , тоа е дека се ближи денот на официјалното објавување.
Според 9to5Google, сè уште необјавениот Pixel Watch може да има батерија од 300 mAh. Ова е многу значајна информација за уредите од овој тип, но без дополнителни информации, како за чипсетот што би го покренувал овој часовник, не може да се заклучи она што најмногу ги интересира корисниците, а тоа е колкава автономија би имал овој уред.
Сепак, тоа не го спречи порталот 9to5Google, па така направи детална анализа со достапни информации и дојде до заклучок дека часовникот може да обезбеди од 20 до 48 часа користење, во зависност од тоа колку време корисникот ќе помине активно играјќи се со уредот. Но, сето ова е само шпекулација и треба да се земе со голема резерва. Сепак, не треба да се верува ниту на официјалните тврдења на производителот кога станува збор за траењето на батеријата, бидејќи едно е теорија, а нешто сосема друго е употребата во реални околности.
Конечно, познато е дека овој паметен часовник ќе има и мобилна конекција. Во моментов се шпекулира дека уредот би можел да се појави пред публиката на претстојната Google I/O 2022 конференција, закажана за 11 и 12 мај.