YouTube Go беше лансиран во 2016 година за пазарите во развој како лесна алтернатива на обичната апликација, но сепак ќе исчезне во август, објави платформата на форумите во заедницата.
Видео платформата ги советуваше корисниците на „лајт“ апликацијата да се префрлат на обичната YouTube апликација на својот Android уред или едноставно да го посетат youtube.com во веб-прелистувачот.
Кога YouTube Go беше претставен пред пет години, тој воопшто немаше можност корисниците да коментираат, објавуваат и создаваат содржина или воопшто да користат темни режим. Сепак, сите овие функции станаа составен дел од видео платформата и затоа апликацијата нема повеќе да постои, односно разликите помеѓу „лајт“ и вистинската апликација речиси исчезнаа.
Соопштението потврди и дека има подобрување во перформансите, посебно на уредите од ниска класа, а обичната апликација YouTube повеќе нема да ја оптоварува толку врската, односно ќе ја намали потрошувачката на податоци. Во тек се некои дополнителни контроли за намалување на потрошувачката на податоци, што ќе го ценат сите оние кои уживаат во YouTube и немаат неограничен интернет пакет.
Треба да се спомене и пазарот на паметни телефони, кој драстично се развиваше во последните пет години. Производителите лансираат уреди со повеќе RAM меморија и простор за складирање, подобра процесорска моќ и управување со батеријата, а сето тоа им помага на редовните апликации да работат непречено без поголеми проблеми.
Како што еволуираат уредите, така се развиваат и апликациите. Сетете се само пред неколку години кога бевме задоволни со само неколку функции по апликација, а сега речиси секоја апликација, од социјалните медиуми до YouTube има огромен број опции на прикажување слики, преку различни видови видеа и приказни. А се чини дека сите сакаат да станат TikTok.


