Апликациите кои се специјализирани за чистење на наталожениот отпад на паметните телефони станаа доста вообичаени, а иако Android смартфоните веќе нудат вградени опции за чистење и одржување, ваквите апликации сепак можат да бидат многу корисни…
Norton Clean, за разлика од многу конкурентски апликации кои можат да се пофалат со раскошен хардвер и функции, се фокусира на она што ќе биде најважно за повеќето – отстранување на непотребните фајлови што понекогаш го зафаќаат доста ограничениот простор за складирање.
Веќе на прв поглед е јасно дека се работи за непретенциозна апликација која нуди основни функции, но својата работа си ја врши коректно. Секако, тоа значи и дека Norton Clean се вбројува меѓу целосно бесплатните апликации од овој тип, нешто што на многумина ќе им биде доста важно при изборот на апликации за чистење.

Апликацијата ја краси едноставен интерфејс, а покрај тоа што ќе ги исчисти резидуалните системски фајлови што обично остануваат по деинсталирањето на апликациите, Norton Clean ќе ја анализира и внатрешната меморија на телефонот (вклучувајќи ги и мемориските картички) и ќе ги детектира и отстрани останатите непотребни фајлови.
Може да пронајде и заостанати .apk фајлови и подеднакво да ги отстрани, може да го отстрани кешот за индивидуални апликации, а има вграден менаџер на апликации што овозможува лесно деинсталирање на апликациите, заедно со препораките за тоа кои апликации вреди да се отстранат.
Секако, тука се и некои други помали опции, па сите оние кои мачат мака со достапниот слободен простор на внатрешната меморија на телефонот или на дополнителна SD картичка, со оваа апликација релативно брзо и безболно ќе дојдат до повеќе слободен простор.
Апликацијата Norton Clean е достапна за бесплатно преземање на Google Play продавницата, исклучиво за мобилните уреди со Android.



