TikTok воведува нов начин на кој креаторите ќе можат да заработуваат пари.
Планот на компанијата TikTok е да го дели профитот со најголемите креатори кога со нивните видеа се прикажуваат одредени реклами. Програмата е слична на онаа што ја користи видео сервисот YouTube за да ги плати своите креатори, а резултатот на тоа може да биде позначајна исплата.
Новата програма се вика TIkTok Pulse и овозможува прикажување на реклами со „4 проценти од најгледаните клипови на TikTok“. Креаторите со најмалку 100.000 следбеници ќе добијат дел од приходот кога нивните клипови ќе влезат во споменатата програма.
TikTok ќе подели 50 проценти од приходите од рекламирање со одредени креатори, што е блиску до она што YouTube им го нуди на креаторите или 55 проценти од приходите од рекламирање.
Програмата TikTok Pulse ќе стартува во јуни во САД, а на останатите пазари ќе се прошири наесен.
Досега, главниот начин за компензација на креаторите на TikTok беше Creator Fund, кој ги исплаќа одредените креатори врз основа на популарноста на нивните клипови. Но, креаторите истакнаа дека приходот може да биде мал и неправилен, што значи дека Creator Fund не им обезбедува одржлив извор на приходи на начин на кој тоа го прави програмата на YouTube.


