Познатиот типстер од Твитер, Еван Блас, објави фотографии од тест моделот на третата генерација на преклопниот смартфон Motorola Razr 3.
Уредот се развива под кодното име Maven и има две подобрени камери на задната страна, главна камера од 50 MP (f / 1.8) и сензор од 13MP за ултрашироки и макро фотографии.
Една фотографија го прикажува уредот во склопена форма, а може да се види дека новиот Razr ја изгубил „брадата“ во однос на претходникот. Се чини дека со преклопувањето формира коцка, што е разликата помеѓу оригиналниот дизајн на уредот и модерната верзија.

Блас откри дека сензорот за отпечатоци е поместен и интегриран во копчето за вклучување/исклучување на уредот, кое веројатно се наоѓа на страна на смартфонот. Претходно, Razr 2019 го имаше овој сензор на „брадата“, а потоа и на задниот дел на моделот Razr 5G што се појави во 2020 година. И двете позиции не беа идеални.
Razr 3 доаѓа со внатрешен преклопен FHD+ екран со отвор во кој е сместена селфи камерата од 32 MP, како што се гледа на втората фотографија. Се очекува Motorola да објави стандардна верзија со Snapdragon 8 Gen 1 процесор, како и плус верзија со подобрен и се уште непроверен процесор.
Во однос на меморијата, смартфонот ќе нуди до 12GB RAM и 512GB простор за складирање.

Со оглед на „кутиниот“ дизајн и двете камери, Motorola се чини дека го „напаѓа“ Galaxy Z Flip 3 на Samsung. Претходните два модели на Razr не беа баш импресивни, првиот чинеше 1.499 долари и имаше неколку недостатоци, вклучувајќи испакнатини на екранот, крцкање на шарките и камери под стандардните. Вториот модел не беше многу подобар, па и покрај додавањето на 5G мрежа, сепак беше прескап со цена од 1.399 долари.
Новиот Razr 3 се очекува да се појави на пазарот во јуни.

