Компанијата HMD Global, која ги произведува Nokia смартфоните, веќе некое време не претставила флегшип телефон под брендот Nokia.
Компанијата дури пред извесно време наведе дека не планира да произведува Nokia уреди од високата класа во блиска иднина. Сепак, сега еден извештај сугерира дека компанијата сè уште работи на премиум смартфон.
Кинескиот портал CNMO наведува дека HMD Global работи на флегшип уред под брендот Nokia, кој ќе се вика Nokia N73. Многу корисници се сеќаваат на легендарната Nokia N73 од 2006 година, па ова може да биде уште еден начин HMD Global да ја заинтересира јавноста за уредот, кој ќе биде именуван по еден од легендарните телефони на Nokia.
Овој телефон се појави на концептуални рендери. Фотографиите откриваат дека уредот има заоблен екран и дури 5 камери на задната страна. Камерите се во интересен модул, кој се чини дека е споен на десната страна на телефонот. Во овој модул се наоѓа и двоен LED блиц.
Nokia is reportedly working on launching a new phone called Nokia N73.
This is what the device is tipped to look like 😍https://t.co/qj8TrAOidL
What's your take?#Nokia #NokiaN73 pic.twitter.com/ot61pU2SeC— Mukul Sharma (@stufflistings) May 9, 2022
Во извештајот се наведува дека главниот сензор на камерата би можел да биде 200MP ISOCELL HP1 на Samsung. Samsung го претстави овој сензор минатата година, но сè уште не дебитирал на некој паметен телефон. Се работи за сензор што ја користи целосно новата технологија за спојување на пиксели ChameleonCell, која користи распоред два по два, четири по четири или целосни пиксели, во зависност од околината. Овој камера сензор е способен да снима 8K видео при 30 фрејмови.
HMD Global го претстави својот последен Nokia флегшип на почетокот на 2019 година, а тогаш беше претставена Nokia 9 PureView. Овој уред, меѓу останатото, доаѓа со Qualcomm Snapdragon 845 чип, OLED екран од 5,99 инчи, пет камери на задната страна и батерија од 3320 mAh со поддршка за брзо полнење од 18 W.