InSight го регистрираше досега најсилниот потрес на Црвената планета, соопшти NASA.
Леталото слета на површината на Марс во ноември, 2018 година со задача да собере информации за длабоката внатрешност на Црвената планета. Опремен е со сеизмометар наречен SEIS кој ги следи сеизмичките активности.
Досега се забележани повеќе од 1.300 мали потреси благодарение на сеизмометарот отстапен од француската вселенска агенција ЦНЕС. Овој инструмент ги анализира промените во сеизмичките бранови додека минуваат низ кората и јадрото на планетата.
Неколку месеци по пристигнувањето на Марс, InSight го пријави првиот марсотрес чија јачина одговара 2,5 степени по Рихтер на Земјата. Меѓутоа, научниците биле уверени дека на Црвената планета се случуваат и посилни потреси, а по повеќе од 4 години добија и потврда. InSight месецов на Марс забележа марсотрес со јачина од 5 степени.
„Откако го спуштивме сеизмометарот во декември, 2018 година чекавме да го регистрираме овој голем марсотрес, кој ни дава увид во планетата како ниеден претходно. Научниците ќе ги анализираат овие податоци и ќе научат нови факти за Марс“, изјави Брус Бенердит, главен истражувач во програмата InSight на лабораторијата на NASA.
Најновиот марсотрес го собори претходниот рекорд кој изнесуваше 4,2 степени.
Неколку дена по регистрирањето на најсилниот потрес, InSight влезе во безбедносен мод бидејќи нивото на енергија опадна под минималното.
Извор: Klix.ba