Google во рамките на својата I/O конференција за програмери го претстави Pixel 6a смартфонот, најдостапниот модел во Pixel 6 серијата.
Pixel 6a чини 449 долари, исто како што беше случајот со неговиот претходник Pixel 5a. Смартфонот доаѓа со 6,1-инчен OLED екран со резолуција од 2.400 x 1.080 пиксели и стаока на освежување од 60 Hz, за разлика од Pixel 6 и Pixel 6 Pro моделите кои се одликуваа со 90 односно 120 Hz.
Дизајнот на телефонот е многу сличен на останатите членови од серијата и исто така има алуминиумска рамка, но предното стакло не е Gorilla Glass Victus, туку Gorilla Glass 3. Исто така, задниот дел на уредот е изработен од пластика. Покрај тоа, Pixel 6a е отпорен на вода и прашина според стандардот IP67, додека поскапите модели се одликуваат со IP68 сертификат.
Уредот го покренува процесорот Google Tensor како и другите два модела, а тука е и безбедносниот чип Titan M2. Pixel 6a доби 6GB LPDDR5 RAM меморија и 128GB UFS 3.1 простор за складирање.
Одзади е сместена нова главна камера од 12,2 MP (f1.7 dual-pixel) со оптичка стабилизација на сликата, а има и ултраширока камера од 12 MP со отвор на бленда од f2.2. Однапред се наоѓа селфи камера од 8 MP (f2.0).
Смартфонот поддржува 5G мрежи, има секогаш вклучен екран, сензор за отпечатоци интегриран во екранот, стерео звучници, два микрофона и HDR поддршка. Го користи оперативниот систем Android 12 со гаранција за безбедносни надградби во период од пет години.
Pixel 6a се напојува со батерија од 4.410 mAh која овозможува 24-часовна употреба и 72 часа работа во новиот режим Extreme Battery Saver. Поддржува 18 W USB-PD брзо полнење, но не и безжично полнење.
Телефонот ќе биде достапен во Chalk, Charcoal и Sage варијанти на бои, онлајн продажбата ќе започне на 21 јули, додека во продавниците ќе пристигне на 28 јули.
Google го претстави својот прв паметен часовник Pixel Watch (ВИДЕО)