Веќе има многу шпекулации за претстојните смартфони на Samsung, а сега се појави и рендер кој го открива изгледот на преклопниот Galaxy Z Flip 4.
Според рендерот, Z Flip 4 изгледа речиси идентично како неговиот претходник. Надворешноста се состои од двобојна шема, има две камери и мал екран за известување, додека во внатрешноста има преклопен екран од 6,7 инчи со засек за селфи камера поставена на врвот и на центарот.
Samsung по првиот Z Flip, го понуди и речиси идентичниот Z Flip 5G, па јасно е дека компанијата е задоволна со подобрување на хардверот без промена на надворешниот изглед. Минатогодишниот Z Flip 3 беше доста импресивен, па „брз“ редизајн не е неопходен, иако поголем надворешен екран би бил добар потег.
Ако Samsung планира подобрување на спецификациите за својот следен Z Flip, тогаш се надеваме дека тоа ќе биде пристојно унапредување. Најголемо подобрување им е потребно на задните камери, а минатогодишните модели имаат две камери од 12MP, додека Galaxy S моделите добија главни камери од 50MP.
Новиот Galaxy Z Flip 4 се очекува во август.