Пред извесно време објавивме дека Apple и Google планираат да отстранат голем број апликации од App Store и Play Store. Критериум за отстранување на апликациите е доколку нема нови верзии во изминатите две или повеќе години.
Моментно има повеќе од 650.000 апликации во App Store кои немаат ниту една надградба во последните две години. Apple досега веројатно не ги отстрани бидејќи немало сериозни закани за интегритетот на податоците на корисниците. Сепак, според сегашните тврдења, сите тие би можеле да бидат отстранети од продавницата. Да го споредиме тоа со последното „пролетно чистење“ во 2016 година, кога беа отстранети 150.000 апликации. Значи, овојпат би можеле да бидат отстранети речиси пет пати повеќе апликации, што е огромна разлика.
Што се однесува до оперативниот систем Android, ситуацијата е исто така далеку од идеална. Во овој момент, речиси 869.000 апликации би можеле да исчезнат од Play Store. Причините се исти – нема надградби повеќе од две години. Добрата работа со оперативниот систем Android е што доколку овие апликации бидат отстранети од Play Store, корисниците ќе можат да ги преземат од алтернативни сајтови. Колку е ова безбедно зависи од корисниците, но сепак има алтернатива, која не можеме да ја пронајдеме на iOS.
Според порталот Nextpit, компанијата Pixalate истакна дека процентот на апликации кои добиле ажурирање во последните шест месеци е само 28%, што не е добро ако се земаѕ предвид плановите на овие две компании. Повеќето од овие надградби, дури 84 проценти, се однесуваат на оние апликации кои се преземени повеќе од 100 милиони пати, што ни кажува дека популарните апликации работат многу повеќе за да ги подобрат своите функции.
Се чини дека и Google и Apple се решени да ги отстранат застарените апликации од нивните онлајн продавници. Сè уште не знаеме точно кога ќе се случи ова, но единствениот начин да го избегнеме е – ажурирање, дури и ако е мало и донесе промена на бојата на најмалку користеното мени од зелено во светло зелено.