Интервју со Петар Баковски, Управен директор во ИТ компанијата Melon (дел од Кin+Carta) одговорен за инженерски тимови за развој на веб апликации, инженерство на податоци и машинско учење, во канцеларијата во Скопје и коосновач на ИТ конференцијата DevCon.
Викендов во Скопје се одржа ИТ конференцијата DevCon 2022 под мотото „од ИТ заедницата за ИТ заедницата“ на која присуствуваа повеќе од 150 професионалци од различни области во развојот на веб и мобилните технологии. Коосновач на DevCon е Петар Баковски, кој ја извршува функцијата Управен директор во компанијата Melon (дел од Кin+Carta и е активно е вклучен во ИТ средби кои се во фокусот на растот на техничкото знаење на ИТ заедницата во земјата. Баковски има 17-годишно искуство во испорака на софтверски производи, од развој на софтвер, архитектура, управување со проекти до менаџирање на финансии и други клучни области во бизнисот.
Kaко започна Вашата приказна во Melon?
Приказната почна во 2014 година кога добив повик од мој факултетски колега кој во тоа време работеше во Мелон во Софија. Во тоа време менаџментот на Melon беше заинтересиран за проширување на македонскиот пазар и после неколкумесечни преговори ја основавме канцеларија во Скопје. На почетокот бевме шест луѓе од кои повеќето сме сеуште заедно во Melon. После органски раст од седум години достигнавме бројка од 95 вработени и се надеваме на уште поголем раст и успеси во иднина.
Пандемијата имаше значително влијание врз текот на работата на многу компании. Како Вие се соочивте со тој предизвик?
Пандемијата беше непредвиден удар за многу бизниси во светот, па како и сите други така и ние активно ја анализиравме ситуацијата со цел да ги минимизираме влијанијата. Нашите вработени се столбот на нашето успешно работење низ годините па успеавме да ја задржиме мотивацијата и ефикасноста на тимот преку можноста за работење од дома. Бевме приморани да се прилагодиме на ситуацијата, а фактот дека за време на пандемијата Melon само во Скопје порасна за повеќе од 50 луѓе укажува на тоа дека стратегијата што ја направивме на долг рок е во добра насока. Дополнително, кон крајот на минатата година се проширивме со канцеларии во Приштина каде ги здруживме силите со косовската компанија Frakton.
Која е вашата политика за задржување и привлекување на квалитетни вработени бидејќи очигледно е дека македонскиот пазар се соочува со недостиг на ИТ кадар?
Ние сме фокусирани на задржување на квалитетните членови од нашиот тим, но сме и во постојаната потрага на таленти бидејќи тоа е од суштинско значење за компаниите кои имаат план за развој на долг рок. Клучните фактори за задржување на вработените се културата на компанијата, кохезијата на членовите во самите технички и проекти тимови, можноста за напредок и реализација во новите технолошки трендови на комерцијални проекти, интерни иницијативи и тренинзи, како и флексибилноста и автономијата која вработените ја добиваат. Се разбира своја улога игра и програмата со бенефити на Melon која што е подеднакво важна и за привлекување на нови кандидати.
Покрај флексибилното работно време и опцијата за хибридно работење, Melon нуди можности за постојан напредок во кариерата со работа на повеќе од 100 различни и предизвикувачки проекти.
По две години пауза, викендов повторно ја организиравте конференцијата DevCon. Кoи се Вашите впечатоци од настанот и кога да очекуваме повторно ваков настан?
Среќен сум што повторно имавме можност да закажеме дружба во живо и заедно со останатите колеги од различни ИТ области и компании да споделиме знаења и искуства. Иако пандемијата наметна некои рутини на следење на онлајн конференции и работа од дома, сепак DevCon се покажа атрактивна за повеќе од 150 посетители. DevCon се стреми да прерасне во меѓународна ИТ конференција која годинава беше одржана во Скопје, со планови до крајот на годината да реализираме барем уште една конференција во некој од другите градови во соседството каде Melon има свои канцеларии. Идејата е да се привлечат и мотивираат што повеќе презентери и со секој нареден настан да има различни теми, со тоа и поголем интерес.
За крај, кои се Вашите идни планови, како и плановите на Мелон?
Ни претстојат големи предизвици бидејќи од неодамна станавме дел од глобалната групација Kin + Carta која јавно котира на берзата во Лондон и заедно броиме повеќе од 2000 вработени. Постојано ги следните новите можности и среќни сме што ќе бидеме дел од глобален бизнис, кој е исто толку посветен како и ние на одржлива дигитална трансформација која ќе го направи светот подобро место за сите. Заедно ќе продолжиме да развиваме платформи, производи и услуги кои прават разлика, користејќи го бизнисот како сила за добро, па возбудени сме за новите проекти и можности кои ни претстојат.