Човештвото веројатно е со децении далеку од испраќање луѓе на површината на Марс, но американската вселенска агенција НАСА објави нацрт на нова работилница на високо ниво која покажува како би изгледала триесетдневна мисија на Црвената планета.
Примарно значење за едномесечен престој на Марс е вселенското летало кое ќе превезува астронаути од Земјата, а кое може да послужи и како живеалиште за време на нивниот престој на Црвената планета. Тоа би значело дека е потребна хибридна ракета, која е комбинација од хемиски и електричен погон.
Шемата на NASA за испраќање луѓе на Марс подразбира две лица во орбитата, додека двајца астронаути би слетале на површина во лендер тежок 25 тони.
Нацртот на високо ниво содржи 50 клучни точки кои се дел од четири широки категории на човечки истражувања, а вклучуваат инфраструктура на Месечината и Марс, операции и наука.
„Повратните информации што ги добиваме за нашите цели што ги поставивме ќе ни ги даде потребните информации за нашите планови на Месечината и Марс за следните 20 години. Бараме помош за дефинирање на овие цели и сакаме да бидеме што е можно потранспарентни. Со таков пристап ќе најдеме ‘дупки’ во нашата архитектура, како и областите каде што нашите цели се усогласуваат со оние на индустријата и меѓународните партнери за идни соработки“, изјави Пем Мелрој од NASA.
Директорот за вселенска архитектура на NASA, Курт Вогл, изјави дека двајца членови на екипажот би можеле да преживеат во ровер кој ќе служи како истражувачко возило, но и како живеалиште. На овој начин би можеле да се исполнат научните цели.
Тој додаде дека на NASA ѝ треба што повеќе време за да се прилагоди на „делумната гравитација“ бидејќи гравитацијата на Марс е еднаква на само една третина од гравитацијата на Земјата.
„Сакаме да дадеме сѐ од себе за астронаутите да можат да возат ровер на површината на Марс уште пред да се навикнат на тоа, да облечат вселенски одела, да излезат на површината и максимално научно да ги искористат 30-те дена“, истакна Вогл.
Со оглед на времето на патување од Земјата до Марс и назад, идната мисија на површината на Црвената планета би можела да потрае две години. Исто така, астронаутите би можеле да поминат 500 дена на површината на Марс, што би значело речиси 1.000 дена одвојување од Земјата.
Сепак, 30-дневното сценарио на Марс изгледа многу пореално со оглед на психолошкиот стрес поради оддалеченоста од Земјата, како и логистичките и финансиските потреби за долг престој на вонземски светови.
По завршувањето на работата на станицата Лунарна порта ( Lunar Gateway), која ќе биде оперативна во орбитата на Месечината, НАСА ќе започне со работа на Транзитното живеалиште (Transit Habitat), кое ќе нуди засолниште за астронаутите на нивното долго и историско патување до Марс.