Околу 430 гости од земјава и странство беа дел од годинешниот Самит Македонија 2025. Во рамките на самитот беа одржани 14 панели на значајни теми, а во нив учествуваа повеќе од 40 говорници, кои ги споделија своите искуства и знаења во неколку различни области.
Панелите на Самит Македонија 2025, кој годинава се одржа по 11-ти пат, беа посветени на актуелни теми како што се дигиталната трансформација на бизнисите и општествата, лидерството во бизнисот, потенцијалот на популарните „блок-чејн“ технологии и крипто-валутите, односно можните пристапи на нивна имплементација.
“Се надеваме дека Самитот инспирира и охрабрува промени во општеството и во економијата. Нашата главна цел беше да порачаме дека и малите можат да успеат доколку брзо и флексибилно се приклучат кон трансформацијата која се случува во светот. Вистинското лидерство носи успех и затоа важно е да одиме напред кон побрз и долгорочен економски развој,”- истакна Никица Блажевска- Мојсоскаизвршен директор на Македонија 2025, заблагодарувајќи се на присутните.
На значењето на регионалната соработка и интеграциите беше посветено свеченото отворање на Самитот Македонија 2025, а на оваа тема говореа и македонскиот премиер Димитар Ковачевски и српската премиерка Ана Брнабиќ. Тие порачаа дека економските и геополитички предизвици, упатуваат на неопходноста од градење партнерства со следење на позитивните примери за развој на регионот.
Самитот обедини бројни домашни и регионални бизнис лидери, општествени и политички чинители, експерти од академската заедница и претставници на граѓанскиот сектор во дискусии на разни актуелни теми.
На вториот ден од Самитот Македонија 2025 се обрати и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој го потенцираше значењето на Македонија 2025 и придонесот кој организацијата го дава за развојот на бизнисот во земјата. Пендаровски се осврна на предизвиците со кои се соочува земјата и светот и истакна дека неопходно е да го зголемиме економскиот раст, за што е потребно да се фокусираме на имплементација на нови технологии, поголема дигитализација и грижа за животната средина.
Македонија 2025 ја иницираше и Платформата за просперитетна иднина, која се базира врз 7 клучни области – образование и човечки капитал,конкурентност и водење бизнис,владеење на правото и борба против корупцијата,демократско општество,животна средина,јавно управување,дигитализација и дигитални вештини. Платформата нуди и алатка за мерење на напредокот на земјата во овие области со цел напредок во економскиот раст и развој.
Од основањето, па досега, Македонија 2025 имплементираше програми за економски развој во вредност од 3,5 милиони долари. Дополнително на тоа, во сегментот на образование и лидерство, донирани се 1,6 милиони долари, а во овие програми досега беа вклучени над 650 менаџери, претприемачи и млади таленти од Македонија.
Самитот Македонија 2025 ги обединува водечките компании, бизнис лидери, општествени чинители и институции во промовирање на успешни примери кои придонесуваат кон одржливи иницијативи и раст и развој.