Експерт за сајбер безбедност ги открил слабостите на системот за отворање и стартување на автомобилот без клуч
Системот за отворање и стартување на Tesla без клуч е високо ценет од клиентите на американската компанија. Но, дали е доволно сигурен? Според експерт од областа на компјутерската безбедност, технологијата не е добро заштитена и хакер може да го заобиколи системот за да ги отвори и стартува Model 3 или Model Y.
Овој експерт се вика Султан Касин Хан и е главен консултант за безбедност на NCC Group, компанија за сајбер безбедност со седиште во Манчестер. Хан покажал дека едноставно пренасочување на комуникацијата помеѓу телефонот и автомобилот е доволно за да се натера системот да верува дека сопственикот бил физички блиску до автомобилот. И тука не станува збор само за моделите на Tesla.
Зборувајќи за Bloomberg, Хан истакнува дека оваа техника не само што може да се користи за хакирање на системите за отворање и стартување на автомобилите на Tesla, туку дека потенцијално може да се користи за сите возила опремени со протокол за пренос на податоци – Bluetooth Low Energy (BLE).
Според студијата спроведена во 2019 година, повеќе од 200 автомобили само во Обединетото Кралство можело да бидат нападнати на овој начин. Сè уште нема регистрирани случаи на кражба на Tesla со помош на хакери кои ја користат оваа техника, а самиот Хан тврди дека ризикот од таков напад е многу мал.
Сепак, експертот е категоричен дека системот за пристап до автомобилите на Tesla треба да се замени. Американската компанија се уште не ги коментирала неговите изјави. Истата технологија се користи не само во безбедносните системи на автомобилите, туку и во домовите, каде што ги контролирате не само пристапот, туку и „паметните“ ролетни и осветлувањето. А „дупките“ во него може да станат уште посериозен проблем.