Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО)-Битола објави иновативен повик за прибирање на понуди и тендер за набавка на напреден хардвер и софтвер, согласно ПРАГ процедурите на Европската Унија, која ја финансира набавката на оваа опрема од ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за погранична соработка со Грција.
Како што истакна проректорот за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Игор Неделковски, станува збор за веројатно првата купола за виртуелна реалност која ќе биде инсталирана во земјава, но веројатно и пошироко на Балканот, истакна Неделковски.
Тој напомена дека главна компонента е набавка и инсталација на купола за виртуелна реалност. Согласно техничките спецификации во тендерското досие, куполата треба да биде со висина, односно радиус не помал од 2.5 метри, опремена со најмалку 4 проектори и сервер за прикажување на интерактивни видеа, анимации, компјутерски игри во виртуелна реалност.
-Куполите за виртуелна реалност се релативна новина кои заради високата цена вообичаено се достапни само за големите и богатите универзитети, научни установи и компании. На пример цената за купола со димензии и карактеристики какви што бараме се движи помеѓу 30.000 и 50.000 евра, а цената на некои куполи со поголеми димензии достигнува и до милион евра. Куполите овозможуваат учење и истражување во виртуелна реалност, без користење на додатоци на телото. Всушност тие се сферична соба во која влегуваат студентите и наставникот, а на ѕидовите се проектираат интерактивни видеа, анимации, компјутерски игри. Корисниците кои се внатре во куполата преку движење на телото можат да ги контролираат видеата, анимациите, компјутерските игри. Со тоа овие уреди овозможуваат да се врши практична обука во виртуелна реалност, посочи Неделковски.
УКЛО-Битола, куполата ја набавува со цел за обука за справување со пожари и поплави, бидејќи средствата од Европската Унија се доделени за проект кој има за цел да го зголеми капацитетот на институциите и граѓаните од Пелагонискиот регион за превенција и справување со шумски пожари и поплави, а ќе се користи и од сите единици и заинтересирани наставници во редовната настава и за научни истражувања.
-Со новата опрема студентите ќе имаат голем бенефит, подобрена и поинтересна практична настава. Тендерското досие е отворено до 30 јуни и веруваме дека македонските ИТ компании и увозници ќе достават квалитетни понуди и ќе се реализира набавката, нагласи Неделковски.
Во сферата на науката, овие куполи се извонреден простор за визуелизација на научни податоци, тестирање на нови дигитални технологии и совршена платформа за дизајнирање на иновации, посочуваат од Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола