Неодамна беше презентиран мултидисциплинарниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“ спроведен од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската Академија на Науките и Уметностите. Изведувањето на проектот е поттикнато од научните истражувања и сознанија кои го акцентираат пушењето цигари како еден од најзначајните ризик фактори за појава на хронични незаразни болести, влијаејќи на квантитетот и квалитетот на човековиот живот.
Професор Д-р Љупчо Пејов од Институтот за хемија при ПМФ ги презентираше современите сознанија поврзани со физичко-хемиските процеси кои се одвиваат при согорување како и при контролирано загревање на тутунот, релациите помеѓу хемијата на тутунот и никотинот и квалитетот на воздухот во затворени простории во кои се консумираат производи со тутун.
„Мојата улога во овој проект беше изучување на физичко-хемиските процеси кои се одвиваат при согорувањето на тутунот кај конвенционалните цигари, како и на соодветните алтернативни трансформации кај иновативните продукти кои вклучуваат контролирано загревање на тутунот. Аеросолот што се генерира при контролирано загревање на тутунот содржи околу 530 конституенти, додека во чадот генериран од цигарите има дури над 7.000 конституенти. При тоа, сите 530 конституенти на аеросолот добиен при контролирано загревање на тутунот се истовремено конституенти и на чадот генериран од конвенционалните цигари. Ова укажува на една важна карактеристика на процесите кои се одвиваат во алтернативните уреди – имено, тие генерираат аеросол што не содржи алтернативна палета на потенцијално штетни конституенти, туку подмножество на множеството конституенти кои се генерирани и кај чадот од конвенционалните цигари. Според најновите истражувања публикувани во научната литература, концентрациите на штетни или потенцијално штетни конституенти присутни во аеросолот генериран од уредите за контролирано загревање на тутунот се намалени за дури 90 проценти во споредба со нивната концентрација кај чадот од цигарите“, потенцираше Д-р Пејов.
Во однос на хемискиот состав на тутунот, Пејов истакна дека називот „тутун“ всушност опфаќа една релативно хетерогена категорија на процесиран комплексен растителен материјал. „Составот на тутунот има непосредно и директно влијание врз составот на чадот што се добива при негово согорување, како и врз составот на аеросолот кој се генерира при негово контролирано загревање. Традиционалната класификација на различните видови на тутун се базира на условите на одгледување на тутунот, начинот на процесирање, како и начинот на финално користење. Главен конституент на тутунот е никотинот, кој е една од причините зошто луѓето пушат, заедно со вкусот и ритуалот. Сепак, иако никотинот предизвикува зависност, тој не е примарна причина за болестите поврзани со пушењето“.
Проф. Д-р Пејов објасни што се случува кога тутунот се загрева/согорува, односно кога еден ваков комплексен материјал ќе биде подложен на самоодржувачка реакција на оксидација, при висока температура.
„Во составот на тутунот влегуваат голем број конституенти, од кои голем дел се од природно потекло, но значаен дел произлегуваат од неговиот претходен технолошки третман, а дел се додаваат како адитиви. Процесите на согорување, од хемиски аспект, претставуваат самоодржувачки реакции со кислородот. Кога комплексен материјал како што е тутунот ќе се подложи на самоодржувачка реакција на оксидација, на висока температура (кај конвенционалните цигари се работи за согорување при температура од над 600 степени целзиусови), особено во отсуство на доволен вишок на кислород, се генерираат повеќе од 7.000 супстанци. Значаен дел од овие супстанци се генерираат во форма на многу ситни цврсти честички, чии димензии се во рангот на микро и нанометри и мошне ситни капки, повторно во рангот на микро и нано димензии. На таков начин се генерира чадот од цигарите, кој што е еден комплексен мултифазен систем кој што обично во научен контекст се нарекува аеросол“, истакна Пејов.
Професорот ги презентираше и научните истражувања, кои покажуваат дека аеросолот што настанува при употреба на електронските уреди за загревање на тутунот нема негативно влијание врз квалитетот на воздухот во затворен простор.
„Концентрациите на слободни радикали присутни во аеросолот генериран од електронските цигари и уредите за контролирано загревање на тутунот се минимални и драстично помали во однос на концентрациите на слободни радикали генерирани од конвенционалните цигари. Од ова, како и од комплементарните современи научни сознанија во оваа област, може да се заклучи дека употребата на алтернативните уреди со контролирано загревање на тутунот е практично сосема безбедна во затворени простории и дека овие уреди не го загадуваат воздухот во простори што не се отворени“, заклучи Проф. Д-р Љупчо Пејов од Институтот за хемија при ПМФ.