Компанијата Nothing конечно потврди дека својот прв телефон ќе го лансира во текот на ова лето. Извршниот директор Карл Пеи откри и дека смартфонот Nothing phone (1) ќе има Qualcomm Snapdragon чипсет и ќе го покренува прилагодената варијанта на Android наречена Nothing OS.
Информациите што ги донесува Макс Џамбор, кој веќе имаше некои точни протечени информации за OnePlus уредите, тврди дека уредот ќе биде претставен на 21 јули и ќе чини околу 500 евра. Се надеваме дека телефонот ќе го има најдоброто што го нуди Qualcomm, но за тие пари реално е да се очекува дека Nothing phone (1) ќе работи со Snapdragon 7 Gen 1 чипсет.
Дополнително, магазинот Wallpaper објави интервју со „умовите зад уредот“ кое ни дава увид во тоа што можеме да очекуваме од првиот паметен телефон на компанијата Nothing. Накратко, интервјуто го потврдува она што повеќето го очекуваа – Nothing phone (1) ќе има проѕирен заден дел.
Том Хауард, шефот за дизајн во Nothing, во интервјуто откри дека „сакале да ја истакнат внатрешноста“ на телефонот, кој има повеќе од 400 компоненти. „Од перспектива на индустријата, ги земате предвид компонентите што крајниот корисник обично никогаш не ги гледа, па затоа мора да го редизајнирате речиси целиот производствен процес за да ги истакнете“, вели тој.
„Мислам дека принципот што го имаме е многу силен – дизајнот не е само декорација, туку мора да има врска помеѓу формата и функцијата“, додава Хауард.
Од интервјуто дознавме и дека телефонот ќе има рециклирана алуминиумска рамка, со цел компанијата од самиот почеток да го намали својот удел во загадувањето во јаглерод.
Ако сакате, можете да го пробате Nothing Launcher на вашиот уред со Android во моментов.