Покрај супер издржливата рамка, Toughbook 40 содржи одличен хардвер и екран осетлив на допир.
Panasonic го лансираше Toughbook 40, лаптоп со издржливост според највисоките MIL-STD-810H и MIL-STD-461H воени стандарди и заштита од прашина и вода според IP66 сертификатот.
Меѓу другото, тоа значи дека на лаптопот нема да му биде ништо ако го фрлите на бетон со висина од 2 метри, а во издржливоста е вклучена и отпорноста на ниски и високи температури. Од таа причина е наменет за војската, индустријата, итните служби, како и за сите дејности каде што обичните лаптопи брзо би биле уништени.

Лаптопот тежи 3,35 кг и поседува 14 инчен Full HD IPS екран осетлив на допир, во кој е сместена и камера од 5 мегапиксели со заштитен капак. Уредот работи со 11. генерација Intel Core i5 или i7 процесори со интегрирна UHD графика, а има и опција за надградба на Iris Xe или дедицирана AMD графичка карта.
Лаптопот има вградени до 64 GB РАМ и до 2 TB SSD со енкрипција. Како дополнителна безбедносна мерка има и Secure Wipe систем, кој може да ја избрише целата меморија за само неколку секунди.
Може да се поврзе на Bluetooth 5.1 и Wi-Fi 6, со опција надградба на 4G (LTE/LTE-A) или 5G (mmWave/C-band/Sub6) модеми и GPS модули.
Toughbook 40 се продава по почетна цена од 4.899 долари.



