Тим од научници создаде фасцинантна нова медицинска технологија – мрежа од безжични уреди, вклучувајќи и пејсмејкер, кој се раствора во организмот.
Станува збор за уред кој ја следи телесната температура, нивото на кислород, дишењето, тонусот на мускулите, физичката активност и срцето. Ако е потребно, пејсмејкерот може да го врати срцето во нормален ритам.
„За привремениот срцев пејсинг овој систем ги одвојува пациентите од апаратот за следење и стимулација кој ги ограничува на седење во болница. Наместо тоа, пациентите би можеле да закрепнат во удубноста на своите домови, а притоа да го задржат душевниот мир додека доктор ги надгледува на далечина“ вели научникот Џон Роџерс, еден од коавторите на истражувањето.
Тој тврди дека новиот апарат може да ги намали трошоците и да ги ослободи болничките кревети. Новитетот е опишан во статија објавена во списанието Science.
Претходната верзија на пејсмејкерот беше претставена минатото лето, а оттогаш Роџерс и неговите колеги направија неколку подобрени верзии на уредот. Најновиот полесно се растега и на тој начин се прилагодува на движењето на срцето што чука. Исто така, се „лепи“ за органот користејќи биоразградлив лепак, кој содржи анти-инфламаторен лек за да го спречи телото да го „нападне“ уредот со имунолошки одговор.
Пејсмејкерот работи со неколку други единици за следење на пациентите. Модулот фиксиран на надворешната страна на градите ги презема податоците и користи алгоритам за откривање на проблемот.
„Срцевиот модул буквално му кажува на пејсмејкерот да примени стимулација за срцето. Ако се врати нормалната активност, уредот престанува да работи. Ова е важно бидејќи непотребната стимулација на срцето го зголемува ризикот од аритмија”, вели биомедицинскиот инженер Игор Р. Ефимов.
Иако оваа технологија ветува многу, таа покренува и многу неодговорени прашања. Биомедицинскиот истражувач Волфрам-Хубертус Цимерман истакна дека одредувањето и минимизирањето на зачестеноста на грешките се клучни фактори за да се направи оваа технологија одржлива за употреба во клинички услови.
„Ова не е тривијална задача бидејќи таквите уреди треба да покажат јасни снимки на ЕКГ за јасна дисекција на сигналите од вревата, а тоа е чест проблем со привремените пејсмејкери и дефибрилатори“, изјави Цимерман.
Извор: Klix.ba