Долгоодложуваната руска мисија Luna-25 ќе биде лансирана во септември оваа година.
Дмитриј Рогозин, шеф на руската национална вселенска агенција Роскосмос, го потврди новиот рок за лансирање на лендерот Luna-25. „Се надевам дека сите тестови ќе бидат успешни и дека ќе го лансираме лендерот Луна-25 на крајот на септември“, изјави Рогозин за медиумите.
Во април, рускиот претседател Владимир Путин ја истакна важноста од продолжување на руската лунарна програма. Путин изјави дека санкциите што Западот ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина нема да ги попречат напорите на Москва за истражување на вселената.
„И покрај сите тешкотии и обиди за надворешни влијанија, ние дефинитивно ќе ги спроведеме нашите планови“, рече Путин.
Веднаш потоа, Европската вселенска агенција (ESA) објави дека ја прекинува соработката со Роскосмос кога станува збор за Марс и лунарните експедиции, а причината е нападот на Русија врз Украина.
Лендерот Luna-25 ќе носи околу 30 килограми научна опрема, има и роботска рака и дупчалка. Неговата задача е да изведува различни експерименти и да собира примероци. Планираната дестинација на сондата е јужниот поларен регион на Месечината во близина на кратерот Богуславски.
Ова ќе биде прва мисија на руската лунарна сонда во постсоветската историја. Истражувањето на Месечината започна со советската сонда Луна-2 уште во 1959 година, но немаше слични мисии речиси пет децении. Последната мисија Luna-24 беше лансирана во 1976 година.
Новата мисија беше „зачната“ на почетокот на 2000-те години, но беше одложена. Лендерот требаше да биде лансиран во октомври минатата година, но тоа беше отфрлено бидејќи тимот за развој откри дека не е подготвен.
Извор: Klix.ba