Microsoft вчера претстави нов достапен лаптоп од својата понуда. Станува збор за преносниот компјутер наречен Surface Laptop Go 2. Моделите Go на Microsoft значат поевтина верзија на Surface лаптопите, кои првенствено се наменети за студенти кои сакаат Surface искуство со заштеда на пари.
Surface Laptop Go 2 го покренува процесорот Intel Core i5-1135G7 од 11-та генерација. Лаптопот доаѓа во три конфигурации за меморија: 4 GB RAM и 128 GB SSD, 8 GB RAM и 128 GB SSD, а најмоќната верзија е онаа со 8GB RAM и 256GB SSD. Последните два модела имаат интегриран скенер за отпечатоци за отклучување на лаптопот, додека основниот модел со 4GB RAM и 128GB SSD ја нема таа опција.
Овој лаптоп има компактен PixelSense екран од 12,4 инчи со резолуција од 1536 x 1024 пиксели. Максималната осветленост на екранот изнесува 330 нита.
Што се однесува до I/O приклучоците на Laptop Go 2, има USB-A приклучок, USB-Type C порт, 3,5 мм приклучок за слушалки и Surface Connect порт за магнетниот полнач на Microsoft.
Лаптопот е достапен во четири бои кои Microsoft ги нарекува платина, Sage, Ice Blue и Sandstone.
Цената на Surface Laptop Go 2 за верзијата 4/128 GB изнесува 599 долари. Верзијата со 8/128 GB чини 699 долари, додека најмоќната верзија со 8GB RAM и 256GB SSD внатрешна меморија чини 799 долари.
Овој лаптоп веќе може да се нарача однапред на веб-страницата на Microsoft, со отворена продажба која започнува на 7 јуни 2022, истиот ден кога ќе почнат и испораките на оние кои извршиле преднарачки.